Што се крие на новите банкноти од 200 и 2.000 денари?

Нови банкноти од двесте и две илјади денари ќе бидат пуштени кон крајот на 2016 година или почетокот на 2017 година. Подготовките за издавање на банкнотите се во завршна фаза, а избрана е и компанија која е задолжена за печатење на банкнотите.

Банкнотите ќе бидат соодветно заштитени и ќе се печатат на специјална хартија во бела боја, со вграден воден печат, заштитна испрекината нитка со впишан текст НБРМ, видливи и невидливи влакна кои рефлектираат во жолта, сина и зелена боја под дејство на ултравиолетови зраци, како и зајакнати рабови против физички оштетувања.

Банкнотата од двесте денари ќе ја красат мотиви од релјеф со претстава на старозаветниот 41. Давидов псалм кој припаѓа на препознатливите винички теракотни икони, едно од најзначајните археолошки откритија во Македонија. На истата страна во левиот агол ќе биде прикажана раносредновековна прстеста бронзена фибула од почетокот на VII век, пронајдена во околината на Прилеп.

На задната страна ќе има елементи од челната фасада на „Шарената џамија“ во Тетово. Оваа џамија е значајна по своите внатрешни и надворешни сликарски декорации како и по зачуваниот амам кој денес е претворен во уметничка галерија, а ќе биде надополнета со елементи од декорацијата на мермерните подни плочи на „Исак џамија“ во Битола.

На предната страна на банкнотата од две илјади денари, ќе има македонска невестинска носија од Прилепско Поле. Оваа носија во минатото била една од најдекоративните и истовремено и најтешките носии кои ги носеле жените во Македонија, која важела за една од највпечатливите носии и одраз на богатството на фолклорот во Македонија. На истата страна ќе има афионова чашка, откриена во Сува Река, Гевгелија.

Задната страна на банкнотата од две илјади денари ќе има декорација од позлатен сад, кој потекнува од XVI век, а во центарот се наоѓаат два пауна обиколени со раскошна декорација.

new nike air max 2019