Што се е познато за пожарот кај Тутунски комбинат?

За среќа, нема повредени лица од пожарот што денеска избувна кај Стара рампа спроти Тутунски комбинат. Пожарот беше локализиран, а командирот на скопската Бригада за противпожарна заштита Звонко Томески кажа дека со брза интервенција било спречено ширење на пожарот. 

Во моментот не биле забележани лица внатре, а според првичните информации во бараките било диво населено ромско семејство кое било отстрането од таму по неколку месеци. Од Бригадата за противпожарна заштита било направено секторирање на објектот, спречено ширењето на пожарот кон соседниот објект а и останатиот дел бил изгаснат брзо и ефикасно. Биле употребени 6 противпожарни возила, а пожарот го гаснеле 20 пожарникари. 

Опожарени се околу 300 метри квадратни, а од Бригадата за противпожарна заштита го потенцираа како отежнувачки фактор штоа што од едната страна се наоѓа објект во градба, односно ископ кој ја отежнувал интервенцијата. На дуќанот нема оштетувања, а за пожарникарите токму тоа и било приоритет во акцијата - да се сопре да се прошири пожарот кон дуќанот. 

Исто така, во акцијата нема повредени ниту пожарникари. 

Горан Герасимовски, градоначалникот на Општина Центар, се упати на местото на настанот и потврди дека нема повредени во пожарот. Тој најави и дека ќе се испитува во чија сопственост е земјиштето и бараките кои се изгорени. Токму дивото населување на бездомни семејства, Герасимовски го посочи како причина за трите пожари кои се случиле за време на периодот од кога тој го има мандатот за градоначалник на Општина Центар. Според неговите информации, има сопственост на бараките и земјиштето, има ДУП што е во важност. 

Во текот на денот тој најави и произнесување од страна на општината со нови информации околу сопствеништвото. За време на гаснењето на пожарот, сообраќајот на локацијата на булеварот „11 Октомври“ беше затворен. 

На социјалната мрежа Твитер, објавено беше видео, на кое добро се гледаат пламените јазици и чадот кој излегува од пожарот.