Што предвидува Владата во најновата Фискална стратегија

Годинава пад на вкупната економија од 3,4 проценти, но во следните три години раст на БДП од над 4 проценти предвидува Владата во најновата Фискална стратегија што беше усвоена во вторникот. Фактор открива детали од плановите кои се носат во услови на пандемија на Ковид-19 и присутна непредвидливост на понатамошниот развој. Клучни ризици се времетрањето на кризата, што негативно ќе се одрази и на македонската економија, но во основното сценарио, ефектите од здравствената криза се сметаат како привремени. Во новата Фискална стратегија има анализа на сите буџетски ставки, проекции за странските инвестиции, извозот, но не и за јавниот долг. Тие ќе биле презентирани во новата Стратегија за управување со долгот.

„Во посткризниот период мерките ќе бидат насочени кон стимулирање на приватната потрошувачка на граѓаните и дополнителна поддршка на стопанството за заштита на ликвидноста и работните места, зголемување на конкурентноста, продуктивноста и модернизирање на опремата и процесите. Приоритетите на среден рок ќе бидат насочен кон зголемување на конкурентноста на економијата и вработеноста, создавање на поволна деловна клима, поддршка и развој на малите и средните претпријатија, унапредување на социјалната сигурност и заштита, развој на иновативната дејност, како и поддршка на економијата со значителни инвестиции во инфраструктурни проекти, стои во стратегијата.

Владата планира намалување на вкупните расходи, а ќе се намалува и буџетскиот дефицит - односно од 6,8 проценти од БДП во 2020 година на 3,2 отсто во 2021 година, 2,2 проценти од БДП во 2022 година и 2 проценти од БДП во 2023 година. Минусот ќе се фианнсира со нови позајмувања во странство и дома.

Приходите пак кои доста беа погодени во кризата се планирани на 30 отсто од БДП во следните години. Владата планира реформи и во даночната и во пензиската сфера, но нема прецизни детали за тоа. Сепак останува идејата за праведен данок иако прогресивното оданочување сега е ставено во мирување

Во стратегијата стои дека останува повратот на ДДВ кај физичките лица.

Заклучно со март државниот долг изнесува 4.57 милијарди евра, односно 41,8 проценти од БДП. . Вкупниот јавен долг го вклучува државниот долг и долгот на јавните претпријатија и трговски друштва во доминантна или целосна државна сопственост до 31 март е 5.56 милијарди евра, што претставува 50,7 отсто од БДП. Во стратегијата нема проекции за следните години.

„Со настапувањето на Ковид-19 кризата, се зголемија потребите за финансирање што резултираа со поголемо задолжување на меѓународниот пазар на капитал. Притоа, зголемените потреби за финансирање проследени со намалените проекции за економски раст, го зголемија индикаторот јавен долг/БДП кој на крајот на 2020 година, кој заради зголемените финансиски потреби и намалениот економски раст ќе биде повисок од планираниот во ревидираната Фискална стратегија 2020-2022 година. Подетални проекции за движењето на државниот и јавниот долг ќе бидат презентирани во Стратегијата за управување со јавен долг за 2021-2023 година, стои во стратегијата.

Повеќе на Фактор