Што правев порано за да им се допаднам на другите?

 

Се родив. Иако можеби и не сум требало да се родам. Тие беа премлади.
Бев забавно бебе, со малку голема глава.
Кога малку пораснав сфатив што ги забавува, па ги забавував.
Убаво беше кога мама и тато се смеат, а не кога се расправаат.
А тогаш јасно сфатив дека обожаваат кога сум најдобра. Па бев најдобра.
По нивна мерка.
А потоа продолжив да правам разни работи за да ме сакаат. Готвев, чистев, пеглав.
Станував порано за да одам таму каде што баба сакаше да одиме.
Останував подоцна за да бидам таму каде што тато сакаше да седи.
Единствено никогаш не можев да се натерам да јадам пивтија. Дури ни за љубов.
Некако ти влегува во крв да правиш разно-разни работи за да те сакаат другите.
Можеби никогаш немаше да дознаам за некои бендови доколку машките кои ми се допаѓаа не ги слушаа тие бендови.
Сфаќаш дека луѓето сакаат насмеани луѓе па се смееш и кога треба и кога не треба.
Одиш на некои места затоа што таму одат луѓе кои би можеле да те сакаат.
Се фаќаш себеси како пиеш и малку повеќе отколку што треба, затоа што ако не пиеш, луѓето чудно те гледаат.
Не кажуваш често „не“ и „не можам“, затоа што луѓето не сакаат такви луѓе.
Станував порано и си легнував подоцна.
Некогаш мртва уморна, некогаш жива, ама мамурна, затоа што луѓето мора да те сакаат, а тоа значи дека мораш да бидеш на располагање.

Некогаш дури и ги запоставував оние кои ме сакаа и таква каква што бев, за да направам нешто за другите да ме сакаат.
Го премолчував тоа што требаше да го кажам, затоа што премолчувањето не е лага, тоа е некаква сива зона.
Бев дворски шут, онаа за кафе, онаа што може, онаа што сигурно ќе дојде, затоа што мисли дека така се заслужува љубовта.

Што требаше да правам за другите да ме сакаат?

Ништо.
Да бидам добар човек.
Прво кон себе, а потоа и кон оние околу мене.

Што треба да правите за другите да ве сакаат?

Ништо.
Оние на кои им одговарате, оние на кои сте им потребни, оние кои „кликнуваат“ со вас, ќе ве сакаат во секоја верзија.
Затоа што во спротивно тоа секако не е љубов.
 

new nike air max 2019