Што поседува Шилегов - тој е најбогатиот градоначалник во регионот

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов е најбогатиот градоначалник на главен град во регионот. Шилегов кој неодамна се поднови со викендица во Маврово и поседува четири стана и две куќи има имот поголем од градоначалниците на Белград, Загреб, Сараево, Приштина и Софија, пишува НетПрес.

Шилегов има четири стана со вкупна површина од речиси 300 квадрати, куќа со површина од 306 квадратни метри и новата викендица на два ката за која не навел квадратура, но медиумите известија дека станува збор за стотина квадрати со земјиште од 250 квадрати.

Тој меѓу другото поседува и голема колекција на уметнички слики и благородни метали, па целокупниот имот кој го пријавил во анкетниот лист се проценува над 1.377.000 евра што значи дека градоначалникот на Град Скопје е милионер.

За споредба неговите колеги, градоначалниците на Загреб и Белград не се ни половина богати од тоа што е Шилегов, погледнато во однос на недвижниот имот. Новиот градоначалник на Белград, колегата Зоран Радојчиќ поседува само една викендица од 154 метри квадратни и стан од 97 квадрати. Исто како и него градоначалникот на Загреб, Милан Бандиќ има само еден стан од 125 квадрати и викендица со површина од 55 метри квадратни.

Градоначалникот на Сараево, Абдулах Скака, во неговиот анкетен лист навел дека е сопственик на мала куќа со површина од 28 квадрати, додека пак неговиот колега од Приштина, Шпенд Ахмети не поседува недвижнини и живее во станот на неговиот брат.

Најблиску до милионерот Шилегов е неговата колешка од Софија, Јорданка Фандакова, која поседува три стана со вкупна површина од 254 квадрати, куќа од 60 метри квадратни и викендица од 40 квадратни метри.