Што не привлекува кај луѓето кои не ни ја возвраќаат љубовта

Колку и да е болна за срцето и душата, невозвратената љубов од луѓето прави зависници кои, колку што личноста која им се допаѓа повеќе ги одбива, тие сè посилно и повеќе ја посакуваат. Повеќето од нас некогаш се заљубиле во личност која не можеле да ја имаат. Некогаш причината за тоа е затоа што е зафатена, некогаш бидејќи е тешко да се освои, а некогаш едноставно зошто таа личност не нè цени.

Поради овие причини ние уште повеќе ја посакуваме личноста која не ни ги возвраќа емоциите.

Суета
Мислиме на оној вид суета која се однесува на сопствената слика за себе. Имено, секој човек сака да се чувствува посебно, атрактивно и важно, а тоа се сите работи кои ја „пумпаат" самодовербата. Истото тоа се одразува и на желбата за одредена личност која не можеме да ја придобиеме – фактот дека ја посакуваме, а не можеме да ја имаме, всушност е удар за нашата суета. Техниката која нашиот ум тогаш ја користи за да го поврати чувството на самодоверба е настојувањето да го „совладаме„ субјектот кој му нанел штета на нашето его. Затоа се случува сè поагресивно да ја „притискаме" таа личност со што уште повеќе ја оттурнуваме од себе, а тоа прави да ја посакуваме уште повеќе.

Вредност
Нашиот ум на некој начин му дава вредност на сето она што нè опкружува, а ние не сме ни свесни за тоа. Иако можеби ви звучи чудно и ве потсетува на принципите на економијата, човечкиот мозок функционира на принципот „побарувачка и понуда". Имено, некоја работа за која побарувачката е мала, а е голема понудата се смета за помалку вредна, додека во спротивен случај, доколку понудата на некоја работа е помала, таа се смета за повредна. На тој принцип човечкиот мозок ги вреднува дури и луѓето. Ако достапноста на некоја личност е ограничена, ние сакаме да поминеме повеќе време со неа и таа станува многу позначајна за нас.

Желба
Често посакуваме други луѓе во состав со нашиот личен вкус, искуство и сексуални склоности, но желбата има и социјален елемент – склони сме повеќе да ги посакуваме оние кои се окарактеризирани како посакувани од страна на другите. Ова истото важи и за сите други работи. На пример, ако сте во потрага по добар ресторан вие најверојатно ќе го изберете оној во кој има повеќе луѓе, за разлика од оној кој е празен. Кога станува збор за желбата, тогаш мора да зборуваме и за љубомората. Ако некој друг го сака истото што и ние, тоа може да предизвика чувство на конкурентност и желба да го победиме другиот и да го освоиме посакуваното. Што се однесува до љубовта, да се биде со таа една личност која толку силно ја посакуваме ќе ја зголеми нашата самодоверба и ќе го нахрани нашето его.