
По серијата инциденти од големи размери кои што се случија во државата во изминатите години, а најпоследно со случајот на загадената вода во Гостивар, социјалните мрежи се полни со реакции, во кои се прават секакви споредби.
Со своја реакција по случувањата излезе и познатата инфлуенсерка Ина Многуфина, која, дел од вината ја лоцира и кај целокупното општество, што нормализирало сѐ што било спротивно на општото добро и морал.
„Добро, да си збориме искрено, и ние си имаме кривица за катастрофиве. Нормализиравме партизации, нормализиравме купени дипломи, нормализиравме неморал, нормализиравме неетичност, нормализиравме колега што доаѓа 2 саати на работа бидејќи е примен преку директорот од партија и зима поголема плата, нормализиравме нечија швалерка и нормализиравме некој да ја глорифицира со "знаеш чива е?", небаре швалерка е статус“, пишува таа во нејзината објава на Фејсбук.
Додава дека не може да се очекува ред кога се нормализира сѐ што не треба.
„Нормализиравме силувањето на системот и кршењето на стандардите да е статус на моќ. Нормализиравме да ќутиме за да не не избркаат од работа за секое срање што ќе го видиме, бидејќи поверојатно ни е да дознаат дека сме пријавиле отколку да го решат проблемот. Нормализиравме вработувања по смс, листи, популизам и пропаганда. Нормализиравме "ќути има полошо". Нормализиравме 35 години се што не треба, што мислевме? Што може да дојде откако ќе нормализираш се што не треба? Ред? Да си збориме искрено“, заклучи Ина Многуфина во нејзината објава.