Што ќе се смени со имплементацијата на законот за употреба на јазиците?

Двојазични униформи на полицајците, пожарникарите, лекарите и медицинскиoт персонал како и двојазични судски процеси. Ова станува законска обврска. Ќе се интервенира и на македонскиот денар – и книжните и кованите пари ќе добијат албански симболи.

Ова значи дека Законот за јазици може да стане уште една кочница во оваа клучна сфера за македонските евроинтеграции. Меѓу другото и униформите на специјалните единици на полицијата, пожарната и здравствените работници во Скопје и во другите градови каде Албанците се присутни со над 20 отсто од населението ќе бидат двојазични. Законот за употреба на јазиците кој денеска беше објавен во Службен весник, предвидува основање на Агенција за примена на јазикот што го зборуваат 20 отсто од граѓаните, која ќе биде финансирана од државниот буџет. Предвидено е и формирање на Инспекторат за употреба на јазиците во рамки на Министерството за правда, а ќе се регулира со посебен закон.

Личните документи и патните исправи на граѓаните кои зборуваат на јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо, по службена должност се издаваат на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо.

Во член 13 е уредена материјата за јазикот и писмото на печатење на образецот на личната карта. Имено, на граѓаните кои зборуваат јазик различен од македонскиот јазик што го зборуваат помалку од 20% од граѓаните на Република Македонија, образецот на личната карта се печати и на јазикот и писмото што го употребува граѓанинот. На граѓаните кои зборуваат јазик различен од македонскиот јазик што го зборуваат помалку од 20% од граѓаните на Република Македонија, на нивно лично барање, податоците за личното име што се внесуваат на личната карта се запишуваат на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на јазикот и писмото што го употребува граѓанинот.

Ќе следи глоба во износ од 4.000 до 5.000 евра во денарска противвредност за прекршок ќе се изрече на централни институции, јавни претпријатија, агенции, дирекции, установи и организации, комисии, правни лица кои вршат јавни овластувања согласно закон, како и сите други институции за непочитување на одредбите од законот за употреба на јазиците, предвидува новата регулатива која веќе стапи на сила.

„Глоба во износ од 30% од одмерената глоба ќе му се изрече на службеното лице и одговорното лице во органите од став 1 на овој член“, пишува во законот.