Што ќе фрлат Германците, ќе возат Македонците

Македонија се полни со автомобили со дизел мотори во екот на расправата за постепена забрана на дизел-моторите која се води во Европската унија како потреба од заштита на животната средина. Притоа акцентот на развој на автомобилската индустрија се става на мотори на електричен погон.

Германија подготвува голема чистка на дизел возилата од патиштата, па дури се нудат субвенции до 10.000 евра за купување нов автомобил. Од 15 милиони дизел автомобили во Германија, околу 6,7 милиони го исполнуваат евро 4 еко- стандардот, други 6 милиони ги задоволуваат евро 5 прописите, а останатите се од највисоката евро 6  класа. Возилата со евро 4 стандард ќе треба да бидат отшлепани на отпад или продадени во други земји инаку нивните сопственици ќе плаќаат поголем данок и поскапа регистрација за нив.

Политика за увоз на употребувани возила и економската состојба во земјава придонесоа граѓаните се потешко се фатат за џеб и да купат нов автомобил. Од друга страна, сопствениците на плацеви за продажба на половни возила трљаат раце. Тие очекуваат зголемени испораки на дизел возила со евро 4 од Германија, за какви што е дозволен увозот кај нас.

- Сите автомобили без разлика колку се стари се добро сочувани и сервисирани. Не се сомневам дека речиси сите овие автомобили ќе го видат крајот во Македонија и во други земји како Србија, Босна и Херцеговина, Албанија- коментира еден сопственик на авто- плац.

Ова го потврдуваат и податоците на Дежавниот завод за статистика, кои се однесуваат на 2015 година. Споредбата на 2011 година со 2015 година покажува дека бројот на дизел возила кои се регистрирани во 2015 година двојно е зголемен во однос на 2011 година кога се регистрирани 85.426 возила.

Според статистиката од Царинската управа во првата половина од годината од увезени 14.260 патнички возила, нови автомобили се 2.779, а дури 9.987 се употребувани возила.

Кај товарните возила сликата е иста. За шест месеци увезени се 401 ново возило и 1029 употребувани возила.