Што ќе донесе вжештената реторика и поларизацијата Албанци-Македонци во политиката - Интервју со комуникологот Кордалов

Македодонија изминатава пролет доби нова Влада и нов претседателка. Изборите поминаа, но не и партиските „препукувања“ за тоа кој е виновникот за состојбата во земјава. Тензичен речник во политичкиот дијалог постои секој ден. Последниов период сведочиме и на низа ескалации во политичката комуникација на етничка основа. 

Дали постои простор за дијалог, или сепак сведочиме за натпревар меѓу „ваши“ и „наши“? Можно ли е ваквата комуникација да ескалира во нешто посериозно? За ова и многу други теми од оваа област разговараме со комуникологот Бојан Кордалов

Во последниот период сведочиме на жестока реторика во политичкиот дијалог во земјава. Според Вас, дали комуникацијата меѓу партиите во земјава воопшто може да се именува како „дијалог“ со оглед дека нивните преписки на дневно ниво се полни со навреди, погрдни зборови, „уличен речник“...?

Комуникацијата во Македонија, па би проширил и генерално на Балканот, тешко дека може во која било смисла да се карактеризира како дијалог, туку многу повеќе како натпревар на тој кој ќе биде погласен, посилен во креирање на конфликти, раздори и несогласувања, како и вечна борба на докажување дека „моето“ е подобро и повредно од „твоето“. Ако одиме и чекор понапред, многу често комуникација дека само „моето“ е исправно, додека „другото“ е неправилно, неморално, неприфатливо итн.

Наједноставно кажано, сѐ повеќе стануваме земја и регион во кои владее исклучивост и омаловажување на секој што не е „од нашите“. И оваа неинклузивност како да не гледаме дека не ни донесе ништо добро изминативе 35 години, па ако сакате и векови наназад. Напротив, резултатот бил војни, конфликти, поделби, закани, раселени луѓе, трауми... како и иселувања и имиграција, но и огромна недоверба во институциите и во сопствената држава.

И тука, логично е да си го поставиме прашањето, од каде потекнува сето ова? Кој ја креира и постојано поттикнува ваквата состојба која нашите граѓани не ја заслужуваат. И одговорот лесно се наметнува, а и се зборува гласно на секој ќош – тоа се во огромна мера неодговорните политичари и политички партии кои буквално профитираа изминативе децении од ваквата ситуација на креирање комуникација која потхранува само понатамошни поделби, конфликти и судири.

Додека плачеа луѓето поради разделбите со своите блиски кои одеа во војни, подоцна стана очигледно дека некој профитирал и економски и политички. Па, дури и денес кога дел од политичарите од регионот се трудат да одржат или дополнително разгорат одредени конфликти, тие истите профитираат со задржување или преземање на власта. А, луѓето, поделени и не сакаат да се погледнат во очи за време на разни слави, прослави и свадби, се набљудуваат преку „нишанот“ на различната политичка определба...

Токму затоа, воопшто ниту изненадува, нити зачудува начинот на кој партиите комуницираат во земјава, бидејќи сме толку застранети од правилната политичка комуникација и фокусирани само да се задржи или освои власта при што, за жал, не се ни бираат средства и методи. И кога на ова ќе додадеме дека според мнозинското народно верување и убедување, кавгите и навредите се „сосема нормални во политиката“ и дека „така се води политика“, тогаш имаме вин-вин состојба која искрено обесхрабрува дека некоја промена воопшто е можна во скоро време. Според мене, зрак надеж е тоа што истовремено огромен број од граѓаните сфаќаат која е намерата на политичарите, па не наседнуваат на дневно-политичките провокации, како и сепак оној мал дел на политичари кои избираат да се борат и да докажат дека во политиката може чесно и човечки да се опстојува, но и да води аргументирана политичка комуникација која се базира на различни мислења, ставови и активности, но никако на омраза, дискриминација и омаловажувања на противниците.

И секако, уште еден зрак на надеж носат младите генерации на кои во огромно мнозинство ваквите политички однесувања и дејствувања им се неприфатливи, па или се обидуваат да внесат нов дух во македонската политика и општество или, ако биваат отфрлени и не им се даде шанса, заминуваат и си ја наоѓаат својата шанса на друго место. Да потенциран, под млади не мислам на оние на моја возраст од 40 плус години, туку младите во моментално втората или најдоцна третата деценија од својот живот.

Се вжешти и реториката на етничка основа. Политичката поларизација Албанци - Македонци е повеќе од евидентна. Како ја оценувате реториката по ова прашање во јавната сфера?

Ако треба во два збора, би рекол постојано „напред-назад“ или „горе-долу“. Уште една тема која со децении се става во дневно-политички контекст и со фокус по секоја цена во одреден момент да се успее да се освои или задржи власта. И ова останува да биде „вечна“ дебата во нашето општество: тема која воспалува, возбудува, дели, зајакнува... но, за среќа, би потенцирал повторно, со секоја измината година тоа е случај за сѐ помал број од нашите граѓани.

Ајде да ги погледнеме медиумските написи или да се завртиме околу себе. За што се зборува на секој ќош на темата односи меѓу етничките заедници? За тоа кој чие работно место некој го земал, преземал или предал. За тоа дека некому му следи според клуч нешто или, пак, дека некој не смее според ист таков клуч нешто да отстапи.

Би прашал, дали ова се теми за земја која сака да се развива и да даде среќен живот за секој свој граѓанин или граѓанка? Каде е тука темата за квалитет и визија. На крајот на краиштата, каде вие било каде во светот на шалтер во администрација сте отишле и сте гледале која етничка заедница, вера, пол, боја на кожа е службеникот кој ќе ви помогне да го остварите вашето право? Каде на светот, кажете ми, одите на доктор и барате лек и притоа гледате дали лекот го препишува жена или маж, припадничка или припадник од оваа или онаа група? Па, барате лек и стручност! Или, кога вработуваме некоја личност во нашата компанија или организација, дали прво ја читаме професионалната биографија и дали ги исполнува таа личност критериумите за вршење на професијата или, пак, прво гледаме етничка или некоја друга припадност? Но, во исто време, важно е да потенцираме дека ова е двонасочна улица. Тоа значи дека и работните места, секоја општествена сфера еднакво припаѓа и до неа мора да имаат еднаков пристап сите, што е реалност дека пред повеќе децении воопшто не било случај и тоа треба да се каже гласно и јасно. И сега, можам да редам вака до недоглед. Но, ако не сакаме да ја согледаме реалноста и до кој степен имаме застрането како општество на чело со најголем дел од политичките елити, ќе продолжиме за жал само да тонеме.

Мислам дека она што ни недостасува на сите како етнички заедници во нашата земја, но и на целиот Балкан е јасната дефиниција и разбирање на термините патриотизам и национализам. Патриотизмот е здрав, добар, те прави горд на твоето потекло, култура, историја... Но, истовремено, треба редовно да се потсетуваме дека денес да се биде патриот значи и да се чува животната средина, да се почитуваат сите луѓе без исклучок, да се изгради дигитална писменост и даде дигитално воспитување на најмладите итн. Од друга страна, по сите дефиниции и пракси, национализмот настапува кога се преминува линијата на патриотизмот и се глорифицира сопствената нација, вера, припадности, но на штета и со омаловажување на останатите.

Национализмот е проблем, бидејќи различностите постојат и се насекаде околу нас, а се останато е еден застарен концепт кој имал донекаде логика пред стотици години кога речиси и да не постоела мобилност на луѓето, особено не мобилност на каква што сведочиме денес. И потребно е никогаш да не заборавиме дека во одреден контекст секој од нас е малцинство. И тоа на дневна основа, во различни средини, работни места итн.

Ќе има ли влијание ова во иднина, дали „препукувањата“ може да ескалираат во меѓуетнички конфликт?

Не би очекувал ескалација во оваа сфера, токму поради фактот што го посочив неколку пати, а тоа дека граѓаните денес стануваат се позрели, односно се помалку луѓе паѓаат на ваквите политички провокации кои имаат за цел одржување на одредени политички елити од сите етнички заедници во зенитот на политичката моќ.

Сметам дека пројде времето кога луѓето масовно луѓето излезот го гледаа во крвопролевање, војни и слично. Денес, излезот од беспаќето на Балканот масовно се бара во земјите од Европа, САД и другите Западни земји. Тоа јасно го говорат бројките и статистиките. Дополнително, исполнувањето на едната од двете стратешки цели на Македонија, а тоа е членството во НАТО Алијансата, игра, исто така, позитивна улога во овој процес. Нашето членство директно ја поттикнува стабилноста и развојот на земјата, но и јасно и недвосмислено обесхрабрува прелевање или увоз на конфликти однадвор, макар и од земји од регионот. Но, силно апелирам и препорачувам до нашите политичари и сите јавни личности директно да работат на инклузивната комуникација, да промовираат емпатија во своите јавни настапи и наместо да дискриминираат и делат, да поттикнуваат соработки и заеднички интереси кои сите не спојуваат.

Дали, според Вас, граѓаните се уморни веќе од овој „напорен“ наратив на комуникација во политиката, со оглед дека токму од политиката зависи квалитетот на секој еден граѓанин?

 Дефинитивно. Само погледнете ги бројките од анкетите и испитувањата на јавното мислење, во делот кои се приоритетите кои треба партиите и властите да ги решаваат. Економија, социјала, економија, здравство, образование... Тоа се темите кои ги мачат граѓаните од сите етнички групи и ова се резултати добиени на сите домашни и меѓународни анкети, без исклучок.

Додадете на ова над половина милион иселени граѓани во изминативе децении, како и мислењата на младите кои во огромен број сакаат да ја напуштат земјата и особено неверојатните над 95 проценти од оваа возрасна група кои велат дека никогаш не би се вратиле назад и одговорот сметам дека никогаш не бил појасен!

Тука би сакал да потенцирам и еден многу важен аспект. Тоа е прашањето каде ни се селат младите? Во земјите од ЕУ и НАТО во целост. И што е заедничко за овие системи? Демократијата, почитувањето на различностите и инклузивноста! Еве уште една порака која се испраќа на институциите и партиите преку иселувањата: создадете општество што ќе дава шанси за секого, а не да гледа дали некој е од оваа или онаа етничка група, кој им е татко, тетка, стрина итн. Или наместо општество кое комуницира поттикнувајќи и хранејќи се со поделби и конфликти, создадете општество кое дава можности и не се оптоварува со животите на другите, туку остава секој да си го „живее својот филм“.

„Препукувања“ има и на социјалните мрежи, до степен што веќе е реалност и кривично да се гонат поединци кои шират говор на омраза. Каде тука го лоцирате проблемот? Имаат ли вина политичарите, медиумите, самиот менталитет на луѓето...Во кој степен оправдувате санкционирање на ваков говор на социјалните мрежи?

Во овој дел веќе зборуваме за еден глобален тренд. Социјалните медиуми како човештво ги освоивме, ама мал дел гласни луѓе во секое општество ги имаат запоседнато, чувствувајќи се комотно да се расправаат на различни теми притоа користејќи навреди, омаловажувања, дискриминација и навредлива комуникација која се базира на поделби, ксенофобија и расизам. Да не бидам разбран погрешно, во секој јавен настап, па и тука би сакал да потенцирам дека различните мислења се неопходни и треба што повеќе да ги има.

Демократијата се темели на различности и различни мислења, а напредок во едно општество е можен само ако постојат различни мислења, ставови и тези од „мејнстримот“. Впрочем, ништо од ова денес, ниеден технолошки и цивилизациски напредок кој денес го сведочиме или користиме немало да се случи и направи да не постоеле луѓето со различни мислења. Меѓутоа, да имате различно мислење значи да имате свои аргументи и сфаќања, тоа да го браните и секогаш да го изложувате, но во никој случај да не се исмевате, забранувате или негирате право на друга личност да има друго мислење кое не се совпаѓа во дел или во целост со вашето.

Во однос на санкционирањето на социјалните медиуми моето мислење останува непроменето. Сите актуелни закони кои како земја ги имаме се доволна, би рекол одлична основа за да се санкционира секое неовластено дејствување и комуникација, независно дали е направена на одреден традиционален медиум, во кафуле, на некој поткаст, социјален медиум или на улица.

Дополнително, потребно е како земја да ги следиме западните законодавства во оваа сфера и да ги дополнуваме, а особено да се фокусираме во делот на улогата на вештачката интелигенција (ВИ) во оваа сфера и пошироко. И за жал, и покрај сите апели, изгубивме една и пол деценија, каде наместо да се фокусираме на курикулуми и активности за правилна употреба на интернетот, социјалните мрежи и ВИ во секојдневниот живот, ние новитети ги игнориравме и негиравме, надевајќи се дека ќе заврши нивното време и ќе си се вратиме во навиките од минатиот век. Такво нешто не само што нема да се случи, туку сѐ повеќе ќе се базираме на технологијата и интернетот, а технолошкиот напредок ќе биде несопирлив и галопирачки. Затоа, повеќе од неопходен е влог во активности и вештини за дигитална писменост и превенција од негативните појави во онлајн просторот. И тоа да започнат да се спроведуваат од најмала возраст!

И секако, за крај, но можеби и најважно, ајде напред да ги ставиме огромниот број позитивни примери на индивидуи кои прават огромни позитивни активности на интернет, тие нека бидат наша инспирација. Можеби на тој начин ќе поттикнеме натпревар за тоа кој може да направи нешто покорисно онлајн, наспрема сегашната состојба каде често гледаме натпревар на тоа кој ќе изведе поголема глупост или лудост во интернет просторот, која зажал неретко знаела да одзема и човечки животи.