Што и да правите, никогаш не заборавајте да се сакате себеси

Животот ни носи различни ситуации, но многумина од нас забораваат на љубовта и грижата кон себеси.

Сите живееме различни животи и често се грижиме за своите блиски толку многу така што сосема забораваме на своите потреби и грижи, забораваме да одмориме и здивнеме. Но, не треба да биде така.

Постојано повторуваме дека не можеме да ги сакаме другите, ако прво не се сакаме себеси и иако тоа можеби звучи како клише, тоа е најголемата вистина која треба да ја знаеме и прифатиме во животот.

Не мораме да правиме големи нешта. Не мораме да живееме како Јулија Робертс во „ Јади, моли се и сакај”, но можеме да се погрижиме да бидеме среќни преку мали нешта и навики. За почеток, треба да се запрашаме што е она што нè прави среќни, кои се некои нешта кои можеби ни носеле радост во минатото, а на кои сме заборавиле, што е она што може да ни донесе мала насмевка на лицето?

Одговорите се често полесни одошто мислиме. Не мора многу да размислуваме, тие се кријат во нас, само сме ги занемариле.  Можеби уживаме во прошетка сами, можеби во убаво кафе или какао, или пак добра книга. Кога последен пат сте прочитале интересна книга?

Важно е само да сфатиме дека животот се состои од мали нешта и добри луѓе, но грижата кон себеси треба да доаѓа на прво место. Никогаш не треба да забораваме на себеси и на она што нè исполнува и има моќ да ни ја згрее душата.

Не постои голема филозофија во тоа. Само треба да го пронајдеме во себе.

Денес и сега!