Што го направи Скопје подобар град во 2018 година?

Ова се дел од проектите што изминатата година се реализираа во Скопје: 

Ново зеленило, реконструкција на повеќе градски улици, булевари и на 11 средни училишта и нови енергетски ефикасни фасади. Во употреба беше пуштена првата делница од булеварот „Христојан Тодоровски – Карпош“. Изградени и реконструирани беа 12 километри велосипедски патеки. Ова се дел од проектите што изминатата година се реализираа во Скопје.

За граѓаните од голема важност и потреба беше булеварот „Христијан Тодоровски-Карпош“, што во првата фаза се изгради во должина од 1.000 метри. Новиот булевар е со вкупна ширина од 40 метри, со шест сообраќајни ленти од по 3,5 метри, велосипедски патеки од двете страни со ширина од 2,5 метри, пешачки патеки од двете страни со променлива ширина и средишно зеленило. Втората фаза од проектот за изградба на овој булевар ќе се одвива во наредните неколку месеци, од улицата „Натаниел Кучевишки“ до Обиколницата.

Повторно е во функција автобуската постојка во подрумот на Градскиот трговски центар. ГТЦ доби галерија на урбана и графити уметност со цел враќање на стариот дух. Атрактивни настани и концерти под отворено небо се одржуваа во Градскиот парк во Скопје.

Градските власти лани работно ангажираа 27 невработени лица припадници на некоја од социјално ранливите категории на население. Ангажирани биле 17 образовни асистенти кои работат со ученици со посебни образовни потреби во средните училишта на Град Скопје, пет персонални асистенти кои работат со лица со телесна попреченост и пет негуватели на стари и изнемоштени лица.

За една година Градот подигна 122.838 метри квадратни зелени површини. Само оваа есен Градот предвиде 3.500 висококвалитетни, повеќегодишни листопадни дрвја кои беа наменети пред се за реконструкција на постоечките и подигање нови дрвореди.

Меѓу мерките за справување со загадувањето, Град Скопје реализираше повеќе активности како обука за оџачари и субвенции за чистење на оџаци. Градот во соработка со Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување на Република Македонија спроведоа обуки за 15 нови оџачари. За субвенции за чистење на оџаците биле доставени околу 243 барања од граѓаните.

Во градинките и училиштата се поставуваа прочистувачи на воздух. Се доделуваа субвенции за печки на пелети, за купување велосипеди, за купување електрични тротинети, за кои граѓаните беа заинтересирани и поднесуваа барања. Се спроведоа повеќе акции за чистење на скопските општини. Граѓаните можат да пријавуваат огнови на отворено на телефонскиот број 193.

Кон крајот на годината, во рамки на новогодишната прослава скопјани можеа да уживаат во населбата „Винтерленд“ на градскиот плоштад „Македонија“, да се рекреираат на лизгалиштетото „ЕУ за тебе“.