Што е животот, освен работа и обврски?

Во долгите денови поминати на работното место, голем дел од луѓето без оглед на нивната возраст често велат дека „едвај чекаат да дочекаат пензија”.

Photo by Samantha Gades on Unsplash

Живееме животи исполнети со рутина: работа -  дома од понеделник до петок, завршување на обврските во сабота и недела и потоа пак од почеток. Многу помалку време имаме за своите пријатели, за своите хобија, за време поминато со книга и добар филм.

Што е различно од времето на нашите родители? 

Голем дел до нас работат во неподнослива работна атмосфера во која надредените очекуваат премногу, а како резултат на тоа, меѓучовечките односи се значително нарушени. Не можеме да дадеме отказ бидејќи не можеме да си дозволиме да останеме без работа, бидејќи не знаеме кога би ја нашле следната.

Дополнително, работиме за ниски плати, односно со нашите лични примања сè потешко можеме да ги покриеме основните трошоци. Си велиме дека така напорно работиме за да сметката остане речиси празна до 15ти и потоа веќе живееме на минимум.

Работата е витален сегмент од животот бидејќи на работното место минуваме минимум 8 часа во текот на денот, но за многу мал дел од нас таа предизвикува вистинско задоволство. Колку и да работиме, присутни се хроничниот замор, постојаната потреба за одмор, но и за повеќе. Така е барем тука на Балканот.

Можеме ли да промениме нешто? Можеме ли да го смениме својот живот така што нема да бидеме дефинирани од работата и постојаните обврски? Дали можеме да најдеме барем еден час во денот кога ќе ја извадиме негативната енергија од себе и ќе си дозволиме да заборавиме на сето она што нè мачи?

Веројатно можеме и сигурно треба да пробаме.

За некого, тоа може да биде книга, за друг време поминато на велосипед или во природа, за друг уживање во омилената шолја кафе. Премлади сме за да дозволиме да бидеме генерацијата која е постојано уморна и која едвај чека да се одмори. 

Има време за тоа.

Во меѓувреме, да се потрудиме да промениме нешто за да бидеме порасположени и посреќни. Уште една обврска на листата (но, за добро).