Што е потребно за среќа?

На едноставниот човек не му е потребно повеќе од она што може да биде напишано во неколку реченици.

Најпрво, кров над главата и прозорец низ кој преку ден влегува сончева светлина, а навечер влегува месечева светлина. Некој со кого ќе го дели и она што го има и она што го нема: леб и сон, страв и страст, добри и лоши денови.

Некој кој сака да биде баш таму каде што е и со личноста која е покрај него, а не на некое друго место, со некоја друга личност. За среќа е потребно и дете на кое ќе му пее приспивни песни, кое ќе го учи да оди и да пишува.

Потребни му се два-три пријатели со слични вредности и работа со која ќе заработува за леб. Куче на куќниот праг или мачка на прозор. И тоа, повеќе или помалку е доволно за светот да биде добар за обичниот човек, а тој да биде среќен во овој свет.

На човекот со повеќе побарувања исто така му се потребни овие работи, но неговата куќа секогаш мора да биде поголема од онаа која ја има, работата да биде подобро платена, автомобилот побрз, патувањата повозбудливи. Секогаш мора да биде сакан повеќе или поинаку, а неговиот пат кон среќата е исцрпувачки и напорен, затоа што никаде не завршува.

Секогаш недостасува уште некоја ситница и она што го нема секогаш му е поважно од она што го има. Среќата на човекот со многу побарувања е кревка работа, затоа што секогаш зависи од другите луѓе со кои тој постојано се споредува и натпреварува.

На крајот сите копнежи и потраги завршуваат со истиот крај: два метра под земја, која смирува сѐ. Таа неминовност која подеднакво ги чека и оние со побарувања и оние обични луѓе, можеби не е најпригоден крај за приказната за потрагата по среќата, но во моментов не ми текнува подобра слика од таа.

Кога крајот е толку извесен, човек пред да се умори и да го губи времето во залудна потрага, можеби би требало да ја бара среќата на најблиското место. Во себе.

Затоа што ако тука не ја најде и препознае среќата, секој чекор кој ќе го направи ќе го води уште подалеку од неа.