Што е анксиозност: Како да ја препознаеме и надминеме?

Анксиозноста е честа појава кај голем дел од луѓето во денешното модерно живеење.

Photo by Milan Popovic on Unsplash

Ова е всушност стручното име кое често се користи за да се опише вознемиреноста која е резултат на долгорочниот стрес. Иако често се користи „терминот” вознемиреност, сепак анксиозноста како состојба е повеќе од обична вознемирност која нè обзема кога ќе се случи некоја неочекувана ситуација. 

Кои се симптомите кои укажуваат на тоа?

  • Често или постојано чувство на немир и нервоза
  • Бура на мисли кои не можеме да ги смириме
  • Треперење, чувство на набој во телото
  • Проблеми со спиењето (тешкотија да се запие или да се остане во длабок сон)
  • Реакција на секоја ситница
  • Постојана грижа
  • Силна потреба за контрола
  • Болки во мускулите
  • Проблеми со варењето
  • Чести главоболки
  • Чувство дека не сме безбедни, или пак постојан страв дека ќе се случи нешто лошо

Сè поголем дел од луѓето денеска се соочуваат со овој проблем. Исклучок не се ниту младите луѓе за кои се чини дека модерното живеење ги погодува сè повеќе и повеќе. Дел од младите посочуваат дека поради недостатокот на поддршка, тие често се чувствуваат виновни, дека поминуваат низ нешто што е неразбирливо за другите, а често и самите не можат целосно да го разберат. 

Според психолозите, состојбата на анксиозност може да е предизвикана од проблеми со хронична дерегулација на нервниот систем. Тоа значи дека симпатикусот и парасимпатикусот не работат онака како што треба. Иако одредени лекови можат да помогнат кај одредени симптоми, сепак тие не се долгорочно решение за стресот кој е потиснат. 

Исто така, она што воопшто не помага кога на луѓето кои се анксиозни или депресивни ќе им кажеме дека треба да размислуваат позитивно. Зарем тие самите не го знаат тоа? Треба да имаме на ум дека самата дерегулација на нервниот систем често кај нив предизвикува оневозможување да чувствуваат радост и среќа за ситуации за кои другите би биле среќни. 

Анксиозноста често се поврзува со мислите и често се трудиме да ја надминеме преку планирање, размислување и разговор со другите. Но, таа е физиолошки одговор, која се јавува како последица на долгорочниот стрес кој или не сме го забележале претходно, или пак можеби сме биле свесни, а не сме направиле ништо за тоа, мислејќи дека ќе помине самиот од себе.

Луѓето кои имаат проблем со анксиозноста често и самите не ја знаат вистинската причина, но во голем дел од случаите, корените датираат од претходни ситуации. Нашиот организам насобира стрес од различни ситуации, дури и од нашето детство и така има своја меморија. 

На пример, за време на детството, ако една млада личност расте во окружување кое е исполнето со несигурност и стрес, тоа реагира на сите мали работи кои сигнализираат несигурност во неговиот живот. Така, најмала ситница може да доведе до претерано размислување, грижа, чувство на страв и тешкотија. Во најголем дел од случаите (а особено кога сме деца) не сме свесни за сето ова и немаме контрола. Но, понатаму, кога организмот постојано се чувствува загрозен, се интензивира лачењето на хормонот кортизол,  кој во голема мера може да донесе до нарушување на балаансот на сите системи во телото.

Како да си помогнеме?

Треба да знаеме дека нервниот систем не може секогаш да се смири преку мислите, но кога телото ќе се смири, тогаш мозокот добива сигнал дека сме безбедни и дека можеме да се опуштиме. Затоа и се препорачуваат толку често јогата и медитацијата. Тие нè учат како правилно да дишеме и да го насочиме фокусот на нашето дишење на изнаоѓање мир во себе. Освен овие активности, кај некои луѓе помага и музиката која помага прво да се опушти телото, а потоа умот, а исто така и уметноста.

Дишењето е секако првата и најважната активност со која можеме да ја надминеме анксиозноста. Освен тоа:

  • Поврзување со телото, следење на сензациите во телото
  • Јога, таи чи, танц и тресење на телото
  • Доволно одмор и изнаоѓање време за себе
  • Врамнотежена, претежно билна исхрана (со намалување на кофеинот)
  • Време поминато во природа и многу многу сонце