Што добиваш кога ќе го изгубиш телефонот?

Уште ги немав отворено очите, а со раката посегнав по телефонот. Тука е некаде во близина, секогаш е тука некаде. А добро е, еве го. На креветот, до перницата.

Често си мислам дека тоа не е добро, прво за моето здравје, но потоа си викам: „Па такви се времињата, мора така“. Времињата можеби се такви, но дали навистина мора така.

И зошто воопшто не го гасам тој проклет телефон? Или во најмала рака да го изгаснам интернетот. Од што толку се плашам? Па, да, баш така делува, како некаков страв. И тогаш сфаќам и искрено признавам дека ми е страв дека ќе пропуштам нешто. Мора да видам што се случува во секој момент, а секако дека секогаш нешто се случува.

Како би ми изгледало секојдневието ако се ослободам од тој страв? И ете, не внимавав што посакав и токму тоа и го добив. Како што тоа обично се случува со мене, во целиот тој мој хаос, настрада и телефонот. Летна телефонот и екранот пукна на пола. И додека го кревав од подот се надевав дека сепак преживеал, но за жал овојпат не беше така.

Додека го чекам новиот телефон се вратив на еден од оние постарите модели, без интернет, со повици и смс пораки, наместо Вибер и милион апликации.

И со тоа добив толку многу работи, како на пример:

Нова утринска рутина

Наутро не губам половина час во кревет прегледувајќи го телефонот. Наместо тоа, прво погледнувам низ прозорот, па потоа ги пуштам утринските програми на телевизија, пијам кафе и уживам во кафето. Дури имам време и полека да си се подготвувам за на работа наместо да трчам низ станот.

Имам повеќе време

Веќе е пладне, а направив милион работи. Ја средив куќата, вежбав, си подготвував доручек и тоа без телефон во рацете. Си направив овошна салата и ја јадев без телефон залепен за рака. Дури и конечно ја дочитав книгата за која немав време.

Повеќе време за луѓе и вистински разговори

Да, откако се префрлив на „старомоден“ телефон, навистина разговарам со луѓето. Не ги слушам само површно додека скролам низ екранот. И почнав подобро да ја забележувам околината. И прекрасно е чувството да седиш во кафуле и да уживаш во погледот наместо да го сликаш. Иако признавам дека камерата малкуцка ми недостасува.

Ручек без телефон

Иако мајка ми често вика по мене поради тоа што телефонот обично е залепен за мене додека јадеме, имам чувство дека ако го тргнам од масата, постојано ќе мислам за тоа што се случува додека мене ме нема. Но, кога ги немате тие грижи, ручекот всушност е повкусен.

Подобар сон

Пред спиење минував и по неколку часа на телефонот. И сега одеднаш не се губам во виртуелниот свет. И не, не го заменив телефонот со лап-топ или таблет. Го прочитав романот, живејам во сегашност, поквалитетно ги минувам викендите.

И сѐ тоа само за да купам нов „паметен телефон“ (кој чекам да ми стигне додека го пишувам ова). И тоа подобар од претходниот, со нови опции и можности. Зошто? Па морав! Сериозно, морав?