Што да готвите денес? Брзи рецепти за сочен ручек

За да ги скратите мислите и грижите околу ручекот кој секој ден мора да биде брз, а вкусен, ви нудиме мала помош. Ваше е само добро да се снабдите со намирници и да одвоите половина час во кујната.

Потпечени плескавици

Состојки:

  • 500g мелено месо
  • 1 кромид
  • 2 парчиња леб
  • 3 јајца
  • 4dl павлака
  • Сол, бибер
  • Зачини
  • Масло

Подготовка:

Лебот потопете го во вода, издробете го на парчиња и додајте го ситно сечканиот кромид. Меленото месо, заедно со 1 јајце, сувите зачини, сол и бибер измешајте ги во садот.

Рачно измешајте ја смесата и обликувајте мали плескавици, па пропржете ги од двете страни неколку минути.

Потоа, наредете ги во тава за печење, изматете ја павлаката со двете јајца и полијте ги. Печете половина час на 200 степени и послужете со свежа салата.

Пица со палента и печурки

Состојки:

  • Тесто за пица
  • 200g палента
  • 100g пармезан
  • 200g кашкавал
  • Маслиново масло
  • 100g сечкани печурки

Подготовка:

Сварете ја палентата, а кога ќе биде при крај додајте го пармезанот, кашкавалот и малку сол.

На тестото за пица додајте ја палентата, наредете ги печурките и зачинете.

Нарендајте уште малку кашкавал и печете 15тина минути.

Рижото со морски плодови

Состојки:

  • 2 шолји ориз
  • Чаша бело вино
  • Лук или кромид
  • 3 лажици маслиново масло
  • 1l супа од коцка
  • 200g маринирани печурки
  • 200g морски плодови
  • Зачини по желба

Подготовка:

Кромидот или лукот пропржете го на врело масло неколку минути, а потоа додајте го оризот и пржете неколку минути. Додајте го виното и варете го оризот додека потполно не испари течноста.

Малку по малку, додавајте ја супата со постојано мешање додека не ја впие оризот.

Одвоено сварете ги морските плодови, па кога рижотото ќе биде готово, промешајте ги во него.

Зачинете со бибер, малку сол и пред служење исечкајте малку магданос.

Полнето бело месо

Состојки:

  • 4 парчиња пилешки гради
  • 4 парчиња сланина
  • 4 парчиња кашкавал
  • 1 лажица масло
  • 2/3 шолја пилешка супа
  • 1 лажица густин

Подготовка:

Со остар нож направете дупка во средината на секое парче месо и наполнете го со ситно сечкана сланина и парчиња кашкавал.

Зацврстете со чепкалки и секое парче месо пржете го на висока температура додека не потемни. Потоа, пржете уште 10 минути на средна температура за да се растопи внатрешноста.

Во супата додадете ја лажицата густин, па откако ќе го послужите месото прелијте го со овој сос.