
На денешното рочиште за случајот „Штекли“ во Основниот кривичен суд – Скопје, како сведок на одбраната настапи вештото лице Ѓорѓија Хаџи Ангелковски. Тој даде психијатриска проценка за обвинетиот Раде Трајковски – Штекли, кој е обвинет за учество во организирана продажба на дрога, оценувајќи дека кај него се забележуваат психотични состојби.
Хаџи Ангелковски наведе дека го посетил обвинетиот во затворот „Скопје“, каде разговорот траел подолго од вообичаено. Во споредба со претходното вештачење, направено пред седум до десет години кога кај Трајковски била дијагностицирана епилепсија, тој констатирал значителни промени во неговата состојба.
– Не е истата личност која ја видов тогаш. Сега се забележуваат психотични епизоди со шизофрени елементи – истакна вештото лице.
Според сведочењето, обвинетиот покажува верување во реинкарнација и тврди дека е воден од „учител“ кој го пренесува од тело во тело, а исто така се повикува и на фиктивна личност која му дава наредби.
– Не станува збор за симулирање. Обвинетиот е студен, емотивно неангажиран, параноиден и раздразлив. Во својот дом поставил камери и е убеден дека е следен – додаде Хаџи Ангелковски.
Одбраната инсистира дека Трајковски не е во состојба да ја следи постапката, додека обвинителството тврди дека е способен да учествува на судење. На прашањето дали обвинетиот е „тотално вон себе“, сведокот одговори негативно.
Судењето ќе продолжи на 5 септември, кога ќе сведочат вешти лица предложени од обвинителството.
Судијата Илија Трпков најави соочување на експертите од двете страни, пред да се донесе одлука дали ќе се прифати едно од досегашните вештачења или ќе се нареди ново.
Обвинението, поднесено од Обвинителството за гонење организиран криминал, опфаќа 10 лица. Истражната постапка траела речиси една година, при што биле користени посебни истражни мерки. Првично биле опфатени 16 лица, од кои седум веќе прифатиле вина и добиле затворски казни од 3 до 3,5 години.