Шпаркасе банка започна да нуди услуги за тргување со хартии од вредност на странските пазари

Шпаркасе Банка Македонија, во рамките на своето Одделение за работа со хартии од вредност, започна да ги нуди своите брокерски и старателски услуги во процесот на тргување со хартии од вредност на странските пазари.

Имено, со преминувањето на Република Северна Македонија во втората фаза од Спогодбата за стабилизација и асоцијација (ССА), им се овозможи на домашните банки да посредуваат при купопродажба на хартии од вредност во странство, со што се отвориjа поголеми инвестициски можности за физичките и правните лица. Согласно со соодветните измени на законската и на подзаконската регулатива во оваа област, Шпаркасе Банка Македонија АД Скопје презеде активности и соодветни подготовки за да биде една од првите банки што ќе им ги нудат овие услуги на своите клиенти.

Во рамките на инвестициското работење, Банката на своите клиенти им нуди брокерски и старателски услуги во 25 земји и на повеќе од 30-ина странски берзи – пазари на капитал, меѓу кои и најголемите берзи во светот: New York Stock, Exchange, NASDAQ, Börse Frankfurt, London Stock Exchange, Tokyo Stock Exchange и др.).

 Услугите на странските пазари опфаќаат:

  1. Брокерски услуги: прием и пренос на налози за купување и продавање хартии од вредност на странски пазари на хартии од вредност и вршење дополнителни услуги за издавачите на хартии од вредност.
  2. Старателските услуги:                 чување хартии од вредност; порамнување, плаќање и извршување на трансакциите со хартии од вредност според старателски налози; наплата на приходи и известување за исплата на дивиденда, камата или доспевање на други побарувања од хартии од вредност; извршување старателски налози поврзани со корпоративни активности како и други услуги по барање и во договор со клиентите.

Со оваа услуга ќе им се овозможи на клиентите да ги алоцираат своите слободни парични средства и да го диверзифицираат портфолиото преку вложување и дисперзија на ризикот во хартии од вредност на странските финансиски пазари, каде што постои голема понуда на финансиски инструменти и хартии од вредност, повисока ликвидност и транспарентно корпоративно управување на компаниите издавачи. Покрај овие предности, би ги истакнале и можноста за индексирано вложување во т.н. индексни ЕТФ-фондови, можноста за инвестирање во странски должнички инструменти и управување со приносите и ризиците (преку вложување во инструменти од различни издавачи со различни доспевања и приноси), потоа инвестирање во инструменти на стоковите пазари и поврзани со движењето на цените на стоките (на пример, во злато, нафта, пченица, памук итн.) и други можности.

Сите детални информации околу можностите за инвестирањето на странски пазари, листата на пазари и тарифниците за услугите се јавно објавени во деловните простории на Шпаркасе Банка Македонија АД Скопје, а исто така се достапни и на веб-страницата на Банката:  https://sparkasse.mk. Заинтересираните клиенти ги повикуваме да нè контактираат и да закажат информативен состанок.