
Од денес до 30 септември школскиот прибор трговците на мало треба да го продаваат по најмалку за 15% пониски цени од оние кои важеле во јуни, годинава. Владата ја донесе одлуката за намалување на цените на училишниот прибор на денешната седница.
„Трговците на големо се задолжуваат цените на училишниот прибор да ги намалат за најмалку 10%, додека пак трговците на мало се задолжуваат да обезбедат намалување од најмалку 15%. Мерката опфаќа широк спектар на производи кои се неопходни за почетокот на учебната година. Ранци и ташни, тетратки, блокови, колажи, моливи и пенкала, боички, пластелин, теста за моделирање, подлоги, фломастери и текст маркери, темперни, акрилни, водени бои и четки, линијари и дидактички материјали, острилки и гуми за бришење, детски ножици, футроли, лепила, шестари, дигитрони, украсна хартија, папки и картонски ташни, како и материјали за изработка, практично сè што е потребно за стартот на учебната година“, соопшти попладнево портпаролката на Владата, Марија Митева.
Трговците се должни покрај новата намалена цена на производот да ја прикажат и старата цена која важела на 1 јуни 2026 година, затоа што врз основа на таа цена се утврдува намалувањето.
Од Владата велат дека ова е конкретна мерка насочена кон директна поддршка на семејствата во период кога имаат зголемени трошоци за подготовка на децата за новата учебна година.