Шилегов за стопирањето на изградбата на Луна паркот: Скопје заслужува сериозни и трајни решенија

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, на  прес-конференција на прашањето за одлуката за стопирање на изградбата на скопскиот Луна парк изјави дека Скопје заслужува сериозни и трајни решенија.

Градската администрација темелно работи и ќе обезбеди сигурно и трајно решение, а скопјани ќе имаат нов и модерен Луна парк, изработен по европски стандарди, пренесува Фактор.

Прашан како ќе се обесштетат фирмите кои потпишале договори и колку од планираните 6,5 милиони се потрошени досега, Шилегов рече дека се е тоа дел од постапката што во моментот ја работат и дека добро планирање ќе ги намали трошоците на градот.

– Тие се тековни пари. Околу 80 проценти се платени. Тоа се договори што јас како градоначалник ги наследив и ќе ги исполнам. Меѓутоа, концептот на Луна парк е сосема поинаква работа и граѓаните не заслужуваат импровизација, рече Шилегов.

На прашањето пак, дали Луна паркот ќе оди под концесија, Шилегов рече дека тоа ќе биде споделено со јавноста кога работите ќе бидат зрели за споделување.