Шилегов: Споменикот на Ќосето не е на Град Скопје и затоа не може да биде подарен на Сопиште

Споменикот на Андон Јанев-Ќосето, кој пред еден месец беше тргнат од постаментот пред Врховниот суд не е на Град Скопје и затоа не може да биде подарен на Сопиште, од каде што изразија подготвеност да го постават во нивната општина.

– Сопственици се од Здружението за духовно обединување на Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин, а истовремено за него се води и судска постапка бидејќи Здружението го нема платено споменикот. Не е сопственост на Градот за да го доделува и ниту Сопиште има право да бара од Град Скопје нешто да му биде доделено. Сопиште може да посака што сака, но мора да постои ред, поредок за тоа кој, што и како може да добие – изјави градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, кој потенцира дека се анализира состојбата со спомениците од проектот “Скопје 2014”, но сите споменици не се под Град Скопје.

Тој нагласи дека и натаму останува на сила забраната за движење на моторни возила на Водно.

– Понатаму ќе соопштиме дали и какви мерки понатаму ќе преземе Град Скопје – рече Шилегов.

Тој немаше дециден одговор дали мерката за воведување на посебен сообраќаен режим за дистрибутерите на роба до маркетите и правните субјекти, ќе продолжи и по 31 март.

– Со мерката се постигна во текот на денот не се прават долгите колони по улиците или разноразните улички за пристап на робата. Мораме да го смениме начинотна функционирање на дистрибуција на робата. Во целиот овој период истакнувам дека борбата за здрава животна средина не е работа што може еднаш да се реши или со една мерка. Мора да има сет мерки кои ќе се имплементираат и ќе станат начин на живеење на администрацијата и на граѓаните. Како жители на Скопје мора да смениме некои од навиките ако сакаме да имаме подобри резултати. Ова е само еден мал придонес како да се намали сообраќајниот метеж кои што го предизвикуваат дистрибутерите на робата. Мерката е предвидено да трае до 31 март, што не значи дека нема да се продолжи – нагласи Шилегов.