Шилегов: Со тунели под Кале сообраќајно ќе го споиме градот

Граѓаните бараат нова инфраструктура, поправка на дотраената... и покрај новите булевари и улици се гледа дека сообраќајот не се растовари и сѐ уште имаме паркирани автомобили на тротоарите и на улиците, многу од селата имаат лоши локални патишта. 

- Инфраструктурата не подразбира само патни инфраструктури, тоа подразбира и развој на комуналната инфраструктура. Можете да видете во рамките на она што во буџетот е предвидено проектирање сериозни инфраструктурни објекти, за жал, градот нема таков вид капитал, а моите претходници не вложувале средства предвидени на инфраструктурните објекти.Доктрината што ја застапуваме е да загубиме повеќе време на добро планирање и средување на документацијата за да биде изградбата побрза, да не ни се случи еден булевар да се гради три години. Подобро е да загубите една година на планирање на тој булевар и да ги исчистете правните состојби отколку да почнете со нерасчистени работи и да се влече работата на терен. Затоа што секој таков зафат го нарушува секојдневието на граѓаните и треба што е можно помалку да го попречуваат движењето на луѓето. Јас и најавив можност дека многу скоро градот ќе влезе во изградба на барем еден или два моста преку Вардар. Очекувам дека напролет ќе бидеме подготвени да почнеме со реализација. Инаку инфраструктурата за која зборувам во кампањата е императивот што јас во овој мандат или ќе го реализирам во целост или ќе почнам да го реализирам. Почнуваме и геолошки истражувања на ридот на скопската тврдина, Калето, за да може таму да се изведе зафатот со изградба на тунелите под ридот за сообраќајно да го споиме градот од двете страни на Калето. Таа идеја е неопходна ако сакате Скопје да функционира, вели скопскиот градоначалник Петре Шилегов во интервјуто за Нова Македонија.