Шилегов: Шпекулација е дека ќе се воведе зонско паркирање во Кисела Вода, Карпош и Гази Баба

Шпекулација е дека ќе се воведе зонско паркирање во општините Кисела Вода, Карпош и Гази Баба. Ова денеска го изјави скопскиот градоначалник Петре Шилегов, одговарајќи на новинарско прашање, пренесува Фокус

– Не сме влезени во имплементација на таков тип на паркирање. Она што излезе во медиумите во последниот период не е ништо освен Годишната програма за развој. За да дојдете до таква имплементација треба да имате Годишна програма за развој на „Градски паркинг“ што е вообичаено. Ниту сме разговарале, ниту тоа е предмет на имплементација. Мислам дека беше погрешно интерпретирана Годишната програма, рече Шилегов во Изложбениот центар за електрична енергија „Матка“, кој од денеска ја збогатува официјалната туристичка понуда на Скопје.

Шилегов појасни дека не знаат дали во текот на годината ќе се пројави интерес кај определена општина за воведување зонско паркирање.

– Ако ги немате предвидено во Годишната програма нема да може да ги имплементирате. Не сме отидени во таа фаза на имплеменатција. И поради лошо интерпретирање или нецелосно интерпретирање се појави во јавноста таква шпекулација дека ќе се воведува зонско паркирање во овие општини, рече Шилегов.