Шилегов: Сè уште нема конечни одлуки за спомениците од Скопје 2014

Ги чекаме извештаите на службите, полека ги создаваме условите да може да се донесат конечните одлуки во однос на Скопје 2014, вели градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

„Дел од спомениците не се ингеренција на Град Скопје и тука се вмешани Министерството за култура и Општина Центар и тоа во формално правна смисла ќе биде однос меѓу тие две институции. Да го доградите мостот на Панорамското тркало без Панорамското тркало би ве чинело отприлика околу 4,5 милиони евра. Недостасуваат средства тој да се изгради и би добиле еден ултра скап пешачки мост. Да го исчистите коритото на реката Вардар и од мостот и од галиите и од некои фонтани кои веќе подолго време не работат и од врби и од сето тоа во коритото чини исто така 4,5 милиони евра. Така што тоа се дилемите со кои и јас како градоначалник и луѓето кои се тука се соочуваме и за нас, повторувам, дека приоритет е безбедноста и согласно таа безбедност ќе ги носиме одлуките на Градот“ – истакна Шилегов.