Шилегов се сретна со хуманиот возач во ЈСП „Скопје“

Градоначалникот Шилегов се сретна со Мирослав Деспотовиќ, возачот на автобус на ЈСП кој деновиве пронајде паричник полн со пари во автобусот што го возел и му го врати на сопственикот.

- Постапката на Мирослав сите не воодушеви. Тоа е вистинскиот начин да се постапи во вакви случаи, да се покаже чесност и хуманост, да му се помогне на оној што е во неволја. Оваа случка е вистинска можност да се потсетиме на вистинските човечки вредности – рече Шилегов.

Мирослав Деспотовиќ, возач на автобусот со број 53, што сообраќа од Транспортниот центар до Катлановска бања деновиве пронајде паричник паднат меѓу седиштата. Деспотовиќ веднаш го пријавил случајот во внатрешната контрола на јавното претпријатие. Сопственикот на паричникот, скопјанецот Фериз Шабани, бил контактиран и си ги добил парите и документите назад уште истиот ден.