ШИЛЕГОВ: Продолжуваме со системски и интегриран пристап во подобрувањето на животната средина

Градоначалникот Шилегов денеска присуствуваше и се обрати на форумот на тема „Главните градови соочени со проблемите поврзани со животната средина“, што се одржа во ЕУ Инфо-центарот во организација на Францускиот институт во Скопје.

Форумот понуди можност за дискусија за проблемите и предизвиците со кои се соочува градот, а кои се однесуваат на загадувањето во зимскиот период, сообраќајот, ширењето на градот, потребата од подобрување на средствата за јавен превоз, напредокот во зголемувањето на зелените површини и слично.

- Продолжуваме со нашите намери за обезбедување системски и интегриран пристап во подобрувањето на животната средина во Скопје. Ваквиот пристап покрај активностите преземени од централната и од локалната власт подразбира и активно вклучување на граѓанските организации, академијата, бизнис заедницата, медиумите, неформалните иницијативи и други заинтересирани страни. Изминативе 12 месеци Градот посветено работи на подобрување на животната средина, а во најголем дел на намалување на загаденоста на воздухот, на водите и почвите, и на намалување на бучавата. Како што ветив во својата изборна програма, поднесовме апликација за престижното признание „Европска зелена престолнина“ во 2021 година, која Европската комисија и официјално ја прифати. Апликацијата содржи опширни одговори на прашања за постојната состојба со животната средина во градот, минатите активности во оваа област и плановите и чекорите што ќе ги преземе Град Скопје до 2021 година во 12 индикатори (показатели), и тоа: ублажување на климатските промени, приспособување на климатските промени, одржлива урбана мобилност, одржлива употреба на земјиштето, природа и биодиверзитет, квалитет на воздух, бучава, отпад, води, зелена површина и еко-иновација, енергетски перформанси и управување. Покажуваме стратешка определба да преземеме конкретни чекори за почиста и поздрава животна средина. Јасно се гледа појдовната позиција на градот пред една година кога јас ја преземав функцијата градоначалник, и напредокот кој го имаме изминативе 12 месеци во градот за подобрување и развој на Скопје. Признанието „Европска зелена престолнина“ не се однесува само на зеленилото, тоа е начин на функционирање на градот - алтернативниот превоз, енергетската ефикасност, транспортот и сите други мерки што ги преземаме за подобрување на животот на граѓаните. Во наредниот период ќе бидеме под засилен надзор, очекувам дека нашата стратегија за поздрава и почиста животна средина ќе наиде на позитивно мислење во Европската комисија. Самото прифаќање на нашата кандидатура од Европската комисија е сериозен показател дека Скопје е на добар пат да ги надмине проблемите во кои живееме – рече денеска Шилегов.