Шилегов очекува до втората половина на 2020-та да започне изградбата на Универзална сала

 Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов очекува дека до втората половина на наредната година ќе започне изградбата на Универзалната сала.

Тој на денешната прес-конференција, одговарајќи на новинарско прашање, посочи дека за изгледот на новата Универзална сала ќе биде распишан јавен конкурс.

– Во Градот Скопје постојат два смешни проекти, едниот е она „јајце“ проект, што мислам дека беше дури и предмет на исмејување на нормалниот, демократскиот дел од јавноста и проектот проширување на постојната Универзална што чини околу 17 милиони евра, но ниту ќе го зголеми капацитетот, ниту ќе го зголеми квалитетот на Универзалната сала, рече Шилегов.

Тој додаде дека имајќи предвид оти градските власти успеале да обезбедат средства за капитални инвестиции во централниот буџет од страна на Министерството за култура, во соработка со Сојузот на архитекти и Архитектонскиот факултет, ќе биде формирана комисија што ќе го води процесот за давање идејно решение на сосема нов објект што ќе го продолжи симболизмот за градот.