Шилегов: Не сум надлежен да ги спасам паркот и плоштадот од паркирани коли

Низ цело Скопје, во паркови, на плоштадот Филип Втори, Кејот 13 Ноември и пред секое кафуле се паркирани коли, а градоначалникот Петре Шилегов вели дека е ненадлежен да го реши овој проблем, пишува СДК

Вчера вечерта, новиот парк кај зградата на Филхрамонија во најстрогиот центар кој Град Скопје уште го прави, беше преполн со паркирани коли. На плоштадот Скендербег се одржуваше предизборен митинг на ДУИ, па коли беа паркирани не само по патеките туку и во штотуку засадената трева, која на неколку делови сега е целосно уништена.

На плоштадот Филип Втори слободно се влегува бидејќи хидрауличните столпчиња се скршени, па на него преку цел ден има паркирано над 20 коли и комбиња. Кејот 13 Ноември иако има рампа е буквално сообраќајница на која влегува и се паркира кој стаса. Низ Дебар Маало, на улиците Ленинова и Орце Николов не може да помине пешак оти возила има не само на тротоарите туку и на улицата.

Скопскиот градоначалникот Петре Шилегов за ваквата слика низ градот за САКАМДАКАЖАМ вели тој нема ингеренции да казнува.

„Тоа е прашање ќе треба да го упатите до сообраќајната полиција, бидејќи Градот ниту има институции ниту има ингеренции. Несовесното паркирање е надлежноста на сообраќајната полиција. Затоа го правиме Законот за комунална полиција кој е во напредна фаза“, вели Шилегов.

На нашето прашање како Градот е ненадлежен, кога под своја надлежност има има јавно претпријатие за паркирање и пајак служба и зоште не се креваат коли во паркот кај Филхармонија и на другите локации, Шилегов вели дека не можеле да постигнат секаде да интервенираат.

„Во паркот имавме поставено рампа, но беше физички отстранета. Не може ниту јас како градоначалник ниту Градот да одговара за несовесното однесување на граѓаните. Очекувам дека во наредниот период ќе имаме посериозна координација со сообраќајната полицјата на неколку критични точки“, додава Шилегов.