Шилегов: Не мислам дека сите финансиски проблеми на општините треба да ги реши Владата

Градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов, им порача на колегите градоначалници да преземат активности за зголемување на сопствените приходи, особено во делот на данокот на имот.

„Апелиравме до сите градоначалници да си ја обноват база на податоци на даночни обврзници во однос на плаќањето на данокот на имот, потоа да извршат репроценка на даночната основица, според актуелната методологија и се стремиме кон зголемување на стапката на данок на имот, во рамките на дадените законски можности, од 0,1% до 0,2%. Не сум човек кој мисли дека сите финансиски проблеми на општините треба да ги реши Владата, добар дел од работите треба да си признаеме и ние како градоначалници не си ги имаме завршено“, посочи Шилегов.

Тој на годинашната Конференција на децентрализацијата и локалната власт - „Зајакнување на заедниците: нов моментум за децентрализацијата“, истакна дека ЗЕЛС во континуитет ги нотира сите предизвици со кои се соочуваат општините при спроведувањето на надлежностите и истите ги преточува во,,систематизирани ставови“ кои ги доставуваат до централната власт.

Шилегов нагласи дека најголем приоритет на локалната власт е обезбедувањето на поголема финансиска стабилност, односно дека она од што нема да отстапат е нивното барање да се обезбедат доволно средства за извршување на постојните надлежности што веќе ги имаат општините, како што е предвидено и во Европската повелба на локалните власти.