Шилегов најави нови 30 еко автобуси во ергелата на ЈСП

Триесет нови еколошки автобуси со погон на гас ќе бидат дел од возниот парк на Јавното сообраќајно претпријатие. Ова го најави градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов во обраќањето пред присутните на италијанско-македонскиот бизнис форум „Инвестициски проекти и можности во секторот транспорт, енергетика и животна средина во Македонија” што се одржа во Скопје.

– Изминатиов период Градот Скопје и ЈСП интензивно работат на модернизација на возниот парк на јавното претпријатие и до крајот на оваа година очекувам да завршат постапките за набавка на 30 нови еколошки автобуси кои работат на гас. Новите екоавтобуси имаат значително помала потрошувачка, и речиси воопшто не емитуваат штетни гасови во воздухот. Покрај овие автобуси, сериозно размислуваме за набавка и на електрични автобуси, со што значително ќе се намали загадувањето на воздухот во Скопје – рече Шилегов.

Тој ги спомена и другите инвестиции и проекти кои Градот ги реализира во повеќе сектори, а заради заштита на животната средина, како што се зголемување на енергетската ефикасност во објектите во надлежност на Градот Скопје, пред се на објектите на средните училишта, новите сообраќајни и инфраструктурни планови, изградбата на прочистелна станица и друго.

На форумот учествуваа голем број италијански компании од секторите транспорт, енергетика и животна средина, заинтересирани за соработка со партнери од Македонија. Исто така, беа презентирани проекти и програми поддржани од Европската унија и од меѓународни финансиски институции, како и инвестициските и развојните проекти во патната и железничката инфраструктура, во енергетиката и во животната средина.