Шилегов најави иселување на Железара и Цементарница надвор од Скопје

Хуманизација на просторот во Скопје, бришење на „Јужната обиколница“ и дислоцирање на Железара, Цементарница, и другата тешка индустрија надвор од Скопје, со донесувањето на новиот ГУП во 2022 година, најави актуелниот градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов кој е и кандидат за уште еден мандат во вечерашното гостување на Канал 5 ТВ. 

-Во Генералниот урбанистички план што ќе биде донесен во 2022 година, во Скопје ќе нема ознака за изградба на тешка индустрија. Значи, тешката индустрија перспективно, во следните 10 години, тука мислам пред се на комплексот на Железара и на Цементарница, ќе мора да се исели. Тоа е хуманизација на просторот, рече Шилегов.

Запрашан „Каде да се исели? – Каде ќе ги носи?“, Шилегов одговори:

-Ќе биде сложена операција, меѓутоа, ако вие не предвидите ниту градба понатаму, ниту егзистенција, тоа ќе мора да влеземе во еден сериозен, општествено-државен процес за дислокација на тие капацитети. Тоа се разговори што од моја страна веќе се водени со раководствата и на Цементарница и на Железарница, да се соочат со тоа дека при носење на планот тоа што е таму едноставно ќе мора да престане да постои, појасни Шилегов.