Шилегов на средба со најдобрите спортски екипи од средните училишта на Град Скопје

Градоначалникот  Шилегов  денеска оствари средба со средношколците од најдобрите средношколски екипи на Град Скопје, кои на почетокот на месецов имаа спортски натпревари со нивните врсници од збратимениот град Нирнберг, Германија.

На натпреварите силите ги одмерија најдобрите спортски екипи од средните училишта во футсал, ракомет и кошарка во машка и во женска категорија, како и во одбојка во женска категорија.

На средбата Шилегов им ги честита успешните спортски резултати постигнати на натпреварите во Нирнберг, каде што нашите спортски екипи беа поуспешни и постигнаа генерален резултат од 6 победи и 1 пораз. Тој им пожели многу среќа и спортски успеси и во иднина, а притоа им вети дека и наредната година ќе продолжи праксата најдобрите спортски екипи од средношколските натпреварување да одат да се натпреваруваат во некој од градовите со кои Скопје има соработка.

За потсетување, во претходните години најдобрите спортски екипи од средните училишта од Скопје ги посетија и имаа спортски натпревари со нивните врсници од Истанбул, Ниш, Загреб, Љубљана, Софија и во Белград.

Покрај за средношколските спортски лиги на Град Скопје, во чии натпреварувања годинава учествуваа над 6.000 средношколци, годинава за првпат од буџетот беа обезбедени и стипендии за 100 најуспешни спортисти, ученички и ученици, од по 3.000 денари во текот на осум месеци до крајот на 2018 година.