Шилегов ќе го прави езерото Треска бисер на Скопје

За помалку од три години Скопјани ќе добијат уште едно место за одмор и рекреација.

Градот Скопје и општина Сарај одлучија заедно да соработуваат со цел спортско-рекреативниот центар Треска, еден од капиталните објекти на градот Скопје да се ревитализира и да му се врати некогашната функција – да биде сврталиште на скопјани.

За изготвување проект за ревитализација, Градот Скопје определи 7 милиони денари од кои 3 милиони ќе се потрошат оваа година, а во наредните две години и остатокот од предвидените средства. Оваа одлука глатко помина на минатонеделната седница на Советот на Град Скопје и за неа гласаа мнозинството советници.

– Финансиската состојба што ја наследив во Градот не дозволува за шест месеци да биде направен проект, па уште за шест да се реализира, туку мора побавно. Самиот факт дека скопјани ќе добијат едно пристојно катче да се рекреираат и да избегаат од жештините и загадувањето е доволен мотив за Градот да инвестира. Се надевам дека помалку од три години езерото Треска ќе стане бисер на Скопје што ќе им го оставиме на идните генерации – рече во образложението градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.

За советникот од ВМРО-ДПМНЕ, Јован Лазаров, ревитализацијата на езерото Треска е скап проект за кој, тој лично не верува дека ќе се реализира.

Инаку, СРЦ “Треска” во моментов е речиси целосно нефункционален. Водата од езерото е испразнето, ѓубре има насекаде, угостителските објекти не работат. Понекогаш жители на околните села пуштаат домашни животни на испаша, а честа слика се и кучињата-скитници. Мештани велат дека се забележува по некој посетител, а сопствениците на камп приколките велат дека се поретко доаѓаат.

Досега имаше неколку обиди да заживее овој простор изграден во далечната 1978 година со средства од самопридонес на скопјани. Во 2006 година тогашниот градоначалник на Сарај, Имер Селмани, побара странски инвеститор од Австрија кој понуди проект со игралишта за голф, ресторани и хотели, но инвестициите заглавија во правните лавиринти.

Од 2009 до 2013 година водата во езерото се испушти, дното беше исчистено од тиња и се бараа начини да се наполни со чиста вода од новиот колектор на река Треска и да се врати во функција. Но, и таа вода не беше чиста бидејќи селаните од блиското село фекалиите ги испушаа во колекторот. Во 2009 година ексградоначалникот на Скопје, Коце Трајановски имаше намера да го реконструира без приватен партнер за што имаше најава во градската каса за 2010 година да се одвојат 30 милиони денари, но и тоа пропадна.

До 2013 година со СРЦ “Треска” стопанисуваше ЈП “Паркови и зеленило”, но претходната влада донесе одлука да се префрли сопственоста на објектите од СРЦ “Треска” на Општина Сарај (но не и земјиштето од 35 хектари), но и покрај напорите што ги вложи, локалната самоуправа не успеа да пронајде инвеститор.

Пред пет години Градот Скопје изработи физибилити студија за утврдување на оправданоста за пронаоѓање на приватен партнер. Моделите на инвестирање со децении наназад се главната пречка за посериозно заживување на езерото. Овој пат, најверојатно ќе се оди со јавно-приватно партнерство.