Шилегов е за уривање, додека владата бара пренамена на недоизградениот споменик на Мајка Тереза

За недоизградениот 32-метарски споменик на Мајка Тереза, Владата и понатаму ја тера постапката да најде начин како тој да не се урне. За бетонската ѕидина наскоро ќе биде распишан конкурс за идејно решение во што да биде пренаменет и што да има на просторот, кој според сите закони треба да е слободен и прооден. Конкурсот треба да се распише овој месец, како резултат на одлуката на Владата споменикот да не се урива, оти тоа ќе било поскапо од пренамена.

Владата донесе ваква одлука и покрај извештајот и препораките на работната група за „Скопје 2014“, која беше формирана токму од Владата. Во препораките на работната група не се спори намената туку тоа дека на тој простор не треба воопшто да има никаков објект оти се прекршуваат низа закони.

На сајтот за јавни набавки, во Планот за јавни набавки на Министерството за култура во месец февруари, стои дека ќе биде распишан конкурс за избор на идејно-архитектонско решение за пренамена на објект со скулптурална композиција во Скопје, кој ќе заврши со доделување награди. 

„За наредниот период предвиден е предмет на јавна набавка за измена на основен проект во тек на градба. Согласно Законот за јавни набавки, Планот за јавни набавки се поднесува до  31.01 2020 година. Министерството за култура во целост ќе ја следи постапката за јавни набавки. Согласно проектната документација на јавната набавка ќе произлезе и сумата која ќе биде потребна за извршување на истата“, велат од Министертсвото за култура.

Досега, на градежната фирма „Бетон АД Скопје“ за овој објект ѝ се исплатени околу 2 милиони евра. Откако градежните работи беа стопирани додека се одлучи што ќе биде со објектот, договорот со „Бетон“ не беше раскинат.

„Има можности за негово продолжување со реализација, спогодбено раскинување на договорот или еднострано раскинување“, велат од Министертсвото за култура.

И додека од Владата не отстапуваат од идејата да не се урива овој недовршен споменик од проектот „Скопје 2014“ и тече постапката тој да добие нова намена, градоначалникот на Скопје Петре Шилегов смета дека тој треба да се урне. Тој ја повикува Владата ако таа не е спремна тие тоа да го направи, да му го предаде под негова надлежност и тој веднаш ќе го отстрани. (повеќе на sdk.mk )