Шилегов денеска дојде со електричен тротинет на работа (фото)

Низ Скопје насекаде има паркирани коли. Покрај Кејот 13 Ноември, паркинг стана и пешачката зона на улица Македонија, а Општините и Градот велат дека немаат асистенција на полиција затоа не можат да казнуваат, пренесува СДК.

Градоначалникот Шилегов вели дека со комуналната полиција ќе се воведе ред во градот, но не знае кога таа ќе почне да функционира бидејќи Законот треба да помине на Влада и во Собрание.

„Градот го изготви Законот за комунална полиција, го доставивме до Министерството за внатрешни работи и Министерството за информатичко општество и администрација како надлежни министерства. Очекувам дека набрзо ќе влезе во владина постапка за да може потоа Собранието да го усвои и Градот да добие комунална полиција, со цел на таквите критични места или критичните поведенија, ставиме ред. Нашиот инспекторат со скромните можности што ги има интервенира, секојдневно има комунални редари и еко патролата, се изрекуваат казни и се прават записници. Но, очигледно станува збор за мал број луѓе, недоволен и токму поради тоа се јавува потребата од комунална полиција со која би регулирале добар дел од сообраќајниот хаос низ градот“, вели Шилегов.

И покрај тоа што низ Градот речиси и да не нема здрава корпа за џебен отпад, Шилегов смета дека генерално улиците кои се во надлежност на Градот се во добра кондиција, не идеална, но многу подобра од порано. Свесен е дека сите корпи за уништени и најавува дека пролетва ќе се постават нови.

„Денес почнавме со миење на просторот околу контејнерите. Полека полека влеговме во пролетта и поинтензивни ќе бидат активностите на одржување на хигиената на јавните простори. Иако мислам дека јавните простори не сме должни само ние да ги чистиме, туку и граѓаните да водат сметка за тоа каде го фрлаат џебниот отпад насекаде. Имаме лоша кондиција на корпите за џебен отпад. Набавивме нови, заедно со нови контејнери пролетва ќе ги промовираме. Очекувам дека скопјани ќе почитуваат дека станува збор за нивните средства и ќе водат малку повеќе сметка за изгледот на градот“, вели Шилегов.