Шилегов: Чаир доби нов парк по долго време (ГАЛЕРИЈА)

Градоначалникот Шилегов и директорот на ЈП „Паркови и зеленило“,  Ардијан Муча, денеска присуствуваа на промоцијата на новата зелена јавна површина - нов парк на улица „Дижонска“ во општина Чаир.

- Зазеленувањето останува на врвот на листата на приоритети на Град Скопје. Го реконструиравме паркот на улица Дижонска во вкупна површина од 5.860 квадратни метри. Реконструкцијата опфати хортикултурно уредување на јавната зелена површина, отстранување на шутот и подигање нов тревник. Исто така, се постави и нова хидрантска мрежа  со  систем за полевање со прскалки, каде беа поставени  поп ап прскалки – изјави Шилегов.

Тој додаде дека симболично паркот го промовираат на Светскиот ден на мирот со цел да ги поттикнат европските вредности за зачувување на животната средина.

- Влогот во здрава животна средина е трајна придобивка која непосредно влијае на здравјето на сите сегашни и идни генерации. Чаир е општина со најголема густина на население, најмалку неискористени простори, општина која од претходните власти добивала најмалку внимание. Чаир е една од општините во градот со најмалку зеленило под ингеренција на Градот. Отворено кажувам дека еднакво внимание  укажуваме за развој на двете страни на Вардар – порача Шилегов.

Град Скопје и Општина Чаир изработија и план за создавање мрежа на велосипедски патеки на територијата на Чаир. Како прва етапа за нивната реализација е велосипедската патека на улицата „Втора Македонска бригада“.

Градот Скопје, исто така, изготвува проекта документација за други капитални инвестиции во оваа општина, како што се: проширување на булеварот  Босна и Херцеговина и изградбата на тунел кој ќе овозможи растоварување на целиот сообраќај кој минува преку Бит-пазар, а особено метежот на крстосницата кај Судска палата, каде што е проценето дека дневно поминуваат и над 86.000 возила.