Шестотини Ромчиња никогаш не седнале во училишна клупа

Околу 600 деца од ромска националност во скопско Шуто Оризари, на возраст од 10 до 18 години, не се вклучени во образовниот процес.

Од едукативниот медиумски центар “Асоцијацијата 24 вакти” наведуваат дека причините за ваквата ситуација лежат во лошата социо-економска ситуација, нискиот квалитет на образование во основните училишта, несоодветен и незаинтересиран кадар, како и во незаинтересираноста на родителите нивните деца да стекнат образование.

– Како дополнителен клучен проблем е несоодветниот систем за следење на редовноста на децата и злоупотребата на детскиот труд. Голем број ромски семејства се заминати во странство, но има и голем број на деца повратници од странство. Овие деца недоволно го познаваат македонскиот јазик и немаат лични документи, односно се нерегистирани деца. Пречка е и диксриминацијата, како и недостатокот и несоодветни локални политики за образовна инклузија на Ромите – велат од “Асоцијацијата 24 вакти”.
Шуто Оризари е општина каде што е концентрирано над 40 проценти од ромското наделение во Македонија.

– Стапката на вклученост на децата роми во образование е релативно ниска, што понатаму резултира секако со негативни исходи пред се во градењето на личноста на детето и негова афирмација во општеството – истакнуваат од овој центар.

Со цел за поголемо охрабрување на засегнатите страни во поголема инклузивност на ромските деца во Шуто Оризари се одржува тридневна дебата (28 – 30 мај), каде што експерти, претставници на локалните и националните институции, граѓански организации и граѓани разменуваат ставови и мислења за полесно решавање на проблемот со ромските деца.