Шесто издание на „Ноќ на идеите“ во Скопје – годинава со фокус на Ковид-19

„Ноќ на идеите“ е меѓународната манифестација што годинава ќе се организира по шести пат, а фокусот ќе биде ставен на пандемијата со вирусот Ковид-19. На овој глобален настан ќе се приклучи и Францускиот институт во Скопје.

Настанот оваа година ќе се одржи онлајн во соработка со Акцелераторот УКИМ, со кого, во 2018 година, исто така, беше реализирана успешна соработка.

Како што информираат организаторите, целта на овој настан годинава ќе биде да се повика на колективна размисла за светот по пандемијата на Ковид-19.

– Во време кога санитарната криза нè принудува да го редефинираме нашиот однос кон животната средина и воедно ги доведува во прашање иднината на економијата во идното општество, „Ноќта на идеите“ нè повикува, повеќе од кога било, на колективна размисла за светот по пандемијата на COVID-19, се посочува во соопштение.

Во четврток, 28 јануари, Францускиот институт во Акцеларот УКИМ ќе се приклучат на манифестацијата преку онлајн дебата на тема „Дигитална ера: Толку далеку, а толку близу – новите навики по пандемијата“.

Како што најавија од институтот, на дебата ќе стане збор за се поголемата улога на дигиталното и новите навики во ова време на пандемија, кои честопати, колку што нè доближуваат, толку и нè оддалечуваат.