На факултетите и институтите во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје, на 30 мај од 12 до 14 часот ќе се спроведе гласање за избор на ректор на УКИМ за мандатниот период 16 септември 2023 – 15 септември 2026 година. На конкурсот се пријавија шест професори и сите кандидатури беа прифатени од Универзитетската изборна комисија.
Нивните програми за работа се објавени на веб-страницата на УКИМ (ukim.edu.mk). Во пресрет на изборите, МИА разговараше со шестемина кандидати и, денеска и утре, ги објавува нивните клучни приоритети во работата доколку бидат избрани за прв човек на најстариот и најголем универзитет во државава.
Вработување млад академски кадар со асистенти и зајакнување на кадровскиот потенцијал на УКИМ, зајакнување на компетентноста за аплицирање на меѓународни проекти, покачување на платите на наставниот кадар и администрација и постојан развој на студиските програми – се меѓу приоритетите на кандидатот за ректор проф. д-р Горан Ајдински од Филозофскиот факултет.
Во однос на кадарот, тој вели дека негов приоритет како ректор ќе биде да бидат примени најдобрите, како добар начин тие да останат во државава, да го подигнат научниот потенцијал со научни истражувања и пишување трудови.
За зајакнување на компетентноста за аплицирање на меѓународни проекти при УКИМ, посочува Ајдински, во ректоратот ќе се формира тело кое ќе биде одговорно за сите проектни активности, од професори и обучен персонал, експерти кои ќе ја синхронизираат целата работа и со другите тела на факултетите.
–Платите на професорите и администрацијата се убедливо најниски во целиот регион. Слична состојба е и во нашата држава. Ќе настојуваме, ќе вршиме притисок, ќе разговараме со надлежните органи. Во тој контекст значајно ќе биде настојувањето за обединување на двата синдиката при УКИМ, изјави Ајдински за МИА, појаснувајќи го приоритетот за покачување на платите на наставниот кадар и администрација.
Ајдински ќе се залага за постојан развој на студиските програми во текот на целиот период додека дојде следната акредитација.
-Во програмата наведов дека наставниот кадар ќе може да направи интервенција во наставните програми во обем не повеќе од 30 отсто со Одлука од Наставно-научниот совет без повторна акредитација на програмата, посочува Ајдински.
За поддршка на студентите кои, вели, се суштината на постоењето на Универзитетот, ќе се залага за основање фонд за поддршка на талентирани студенти, директна комуникација со работодавачите, стопанството, домашните и странските фирми за вработување на идните студенти, зголемување на нивната мобилност и унапредување на практичната работа и теренската настава.
-Развој на универзитетскиот спорт и студентските лиги, унапредување и запознавање на студентите, пред сѐ, со нивните права, а не само обврски. Поттикнување на критичко мислење кај студентите и, конечно, оживување на студентскиот живот и стандард и културно-забавните активности, вели Ајдински.
Во својата програма тој се осврнува и на соработката со стопанството и фокусирањето на постојан развој на дигитализацијата и унапредување на информатичкиот систем.
Според кандидатката за ректор проф. д-р Биљана Ангелова од Економскиот институт, предизвиците со кои се соочува Универзитетот се комплексни, но мора да се менаџираат и да се решаваат. Тие произлегуваат, главно, од ограничената автономија, вели таа, пред сè финансиската и кадровската, но и од начинот на финансирање генерално, и наведува дека се двата горливи проблема во нивното секојдневно работење.
-Ќе се залагам овие уставни и законски гарантирани права да ни бидат целосно обезбедени, бидејќи се едни од клучните фактори за ефикасно функционирање на Универзитетот. Мојата визија е УКИМ да прерасне во отворен Универзитет со европски вредности и видлив на меѓународниот високообразовен и научноистражувачки простор. Трансформацијата ќе се одвива со промени и подобрувања во наставата, науката и меѓународната соработка. Како нова активност ќе се залагам за развој на универзитетско претприемништво преку создавање иновации, нивна комерцијализација и трансфер на технологии. Отвореноста и посветеноста стануваат основен пристап во работата, изјави Ангелова за МИА.
Во нејзините приоритети се модернизирање, евалуирање и унапредување на наставните програми и воведување нови современи пристапи на интерактивно учење, иновативни форми на настава и учење, со повеќе практична настава. За поголема вработливост на студентите, вели таа, ќе се залага за акредитирање атрактивни интердисциплинарни студиски програми кои се барани на пазарот на труд затоа што според Болоњската декларација, вработливоста е индикатор за квалитетот во високото образование, и вработливоста на студентите е компонента во многу индикатори за мерење на интернационалното рангирање на универзитетите.
-Затоа е потребно студентите да стекнат не само стручни компетенции, туку и други дополнителни знаења и „трансферзални вештини“ како нумерички, бихевиорални и дигитални вештини. Така ќе добиеме комплетни стручњаци за пазарот на труд, вели Ангелова.
Во својата програма за работа како исклучително важни ги има и капиталните инвестиции во градежните објекти, инсталирање нови лаборатории и обновување на опремата за настава и истражувања на единиците со што ќе продолжи реновирањето и креирање квалитетни услови за престој и учење. Ќе се залага и за воведување повеќе програми на англиски јазик со цел УКИМ да привлече повеќе студенти од странство.
-Императив е Универзитетот да расте и да се развива. Современите универзитети се ориентирани кон наука и истражувања и нивно инкорпорирање во наставата. Затоа во мојата Програма е предвидена поддршка на универзитетските тимови за членство во Европските конзорциуми за истражувачка инфраструктура, како ERICs, и други истражувачки асоцијации фокусирани на одделни научни области, што ќе доведе до повеќе можности за учество на нашите единици на европските проекти и вмрежување во европската истражувачка инфраструктура. Како и досега, ќе се залагам за поголеми вложувања во подобрување на научноистражувачката инфраструктура на единиците преку обновување на опремата во постојните лаборатории и набавка на нова истражувачка опрема. Посебен акцент ќе биде ставен на поддршка на младите истражувачи (студенти, асистенти и доценти) кои се во раните фази на нивниот кариерен развој со цел да им се олесни патот во науката. Целта е да се задржат младите, квалитетни и талентирани кадри, бидејќи тие се иднината на нашиот Универзитет и на нашата земја, истакнува Ангелова.
Меѓународната соработка и интернационализацијата на Универзитетот во наредниот период, додава таа, ќе бидат рефлексија на поголемата динамика условена од трендот на европеизација и глобализација.
–Интернационализацијата нуди излез на европскиот високообразовен простор. Во современи услови и согласно европската стратегија за високо образование таа ќе се реализира преку вмрежување во меѓународните академски алијанси. За ефикасно вмрежување ќе мора да се зајакнат интерните капацитети во Одделението за меѓународна соработка со лица кои се докажани интернационални истражувачи од нашата академска заедница, додава Ангелова, која е актуелен проректор за финансии, инвестиции и развој на Скопскиот универзитет.
Новиот столб на развој на УКИМ планира да биде и универзитетското претприемништво при што нагласува дека иновациите и технолошкиот трансфер на знаење кон бизнис-секторот ќе бидат мост на поврзување и можност за развој на универзитетски стартап-компании и развој на универзитетско претприемништво.
– Ректоратот да не биде независна и одвоена единица од факултетите и институтите, туку нивни помагател и поддржувач во сите нивни научни, наставни и проектни активности. Да избереме ректор на УКИМ, а не ректор на ректоратот, изјави за МИА кандидатот за ректор Ратко Дуев од Филозофскиот факултет.
За да се создадат пристојни услови за студирање и научна работа на сите единици на УКИМ, тој предвидува административна помош за изработка на проектна документација и елаборати од сопствените капацитети на УКИМ. Тоа, како што вели, ќе се постигне со правично вложување на акумулираните средства на сметките од Ректоратот за градежни зафати и набавка на современа опрема и материјали за настава и научно-истражувачка дејност според ургентните потреби на единиците, потоа со зголемување на средствата од буџетот за капитални инвестиции и нивна правична распределба меѓу единиците, а преку новата Програмата за финансирање на видот и обемот на интегративните функции на УКИМ (2023-2026 г.) акцентот ќе биде ставен на повеќе пари за опремување на лабораториите и осовременување на наставата.
Постојано ќе се води кампања за подигање на општествената одговорност, во која особено улога ќе има Центарот за дијаспора за поврзување со компании и фондации на наши иселеници и преку базата на алумни за привлекување на донатори.
Приходите и платите на професорите и вработените во администрацијата, наведува Дуев, останува најголем проблем во нашето општество, а ниските плати и намалувањето на дополнителните примања, потребата од постојано инвестирање во сопствениот професионалниот развој во голема мера го отежнуваат работењето на Универзитетот.
-Во останатите степени на образованието, од 2006 до 2022 година, платите на вработените беа покачени за 85 проценти, а во високото образование за наставниот кадар 27 проценти и 12 проценти за админстрацијата, посочува Дуев, кој е актуелен декан на Филозофскиот факултет.
Синдикатите на УКИМ, Независниот академски синдикат по долги години, вели тој, потпиша договор за зголемување од 17 отсто, а 1 процент за администарцијата, што смета дека е недоволно. Се надева на потпишаниот Kолективен договор на Синдикатот на УКИМ кој треба да се применува од 2024.
– На секој иден ректор приоритет во работата мора да му биде решавање на овој проблем, бидејќи во спротивно Универзитетот ќе се соочи со постепено губење на човечкиот ресурс и негово згаснување, порачува Дуев.
За рангот на УКИМ на светските листи наведува дека подемот или падот е директно поврзан со научната инфраструктура и дека рангот неминовно ќе се подобри со решавање на инфраструктурните проблеми, повеќе научно-истражувачки проекти, поголема достапност до е-библиотеките на научни публикации, научни списанија со импакт-фактор, современи лабoратории, алатки за онлајн-истражување што им овозможува на студентите, истражувачите и наставниците да создадат комплексни истражувања…
Во однос на приоритетот поддршка на студентите, планира покрај средствата од ИКСА (информатички, културни и спортски активности), да се обезбедат дополнителни финансии за стекнување дополнителни вештини и знаења за време на студирањето, преку вклучување на студенти во истражувачки проекти, поддршка на студентски списанија, поддршка на студентски проекти и зголемување на нивната мобилност, подобрување на инфраструктурата за студентите со попреченост итн, а како грижа за младите, ќе почне, како што вели, достојно одбележување на Меѓународниот ден на студентите – 17 Ноември.
Подобрување на материјално-финансиската состојба и на наставно-образовниот процес се меѓу приоритетите во програмата на кандидатот за ректор проф. Атанас Кочов од Машинскиот факултет, кој нагласува дека е голем предизвик да се биде ректор на најстариот универзитет во земјата зашто е стожер на нашето општество и државотворноста на земјата.
-УКИМ мора да остане единствен и препознатлив со својата посебност – универзитет и во Македонија, но и пошироко. Имајќи ја предвид актуелната состојба на универзитетот, наспроти желбата, но и обврската не само моја, ами и на сите вработени да го одржиме и воздигнеме УКИМ како научна, културна ризница и традиција, се соочуваме со период во кој ќе треба да се зацртаат јасни приоритети, изјави Кочов за МИА.
Подобрувањето на материјално-финансиската состојба на Универзитетот тој го гледа во посебни државни и интерни политики на финансирање со тоа што, како што наведува, мора да се реши законски статусот на УКИМ, да се изработи Стратегија на УКИМ 2030 со која ќе се обезбеди улогата на УКИМ како моторна сила за одржлив развој на земјата.
-Да се зајакне инфраструктурата и капацитетите на универзитетот со подобро искористување на целокупниот имот на УКИМ, и секоја единица да има услови за непречена реализација на наставно-образовната, научноистражувачка и апликативна дејност – и како простор, и од аспект на опременост на лаборатории. Дел од ова ќе се постигне и преку отворање канцеларија за меѓународна соработка задолжена за помош во подготовка на меѓународни проекти. Преку јавно-приватно партнерство да се изградат студентски дом за подобри услови за домување на студентите. Мора да ја обезбедиме функционалноста на Универзитетскиот совет кој од донесување на Законот за високо образование во 2018 година сè уште не е конституиран, да го вратиме внатрешниот ревизор како функција и контролор на финансиското работење на УКИМ, истакнува Кочов.
Во својата програма за работа тој планира осовременување на постојните и воведување нови мултидисциплинарни студиски програми согласно европските и светските стандарди, креирање веб-портал со електронска верзија од предавања и вежби, зголемување на бројот на гостувачки реномирани професори од земјата и странство. Посебно акцент на поддршка на единиците за акредитација на студиски програми за стекнување двојна диплома во партнерство со странски универзитети и обезбедување библиотечен фонд и пристап до светски реномирани списанија.
Негов приоритет е и консолидирање и целосна автономна независност на единиците на УКИМ во донесување на интерните политики за наука, развој, истражување и соработка со стопанството и бизнис-заедницата.
-Соработката со стопанството и бизнис-заедницата, чии потреби од специфични знаења, вештини ќе влијаат во креирањето на студиските програми во соодветните области. Креирање стручни студии за стручен назив во соработка со стопанските комори, а во насока на подготовка на кадар спремен да се соочи со предизвиците на новите технологии, наведува Кочов.
За стимулирање на меѓународната соработка и научно-истражувачката дејност, уметност и спорт предлага стручна поддршка за апликација и подготовка на меѓународни проекти, целосна автономија на предлагачите со нивно управување, целосна децентрализација на финансиското водење на научно-истражувачките проекти финансирани од ЕУ. За оваа цел, вели, ќе се креира единствена база на научни трудови, публикации и книги од вработените на УКИМ, а ќе се поддржи и организирање и учество на настани од културата (изложби и концерти) и спортски настани. Студентите ги смета за партнери и ќе се залага за нивна целосна вклученост во наставната, научната и апликативна дејност на Универзитетот.
Приоритет на проф. Кочов е и нов современ модел на претприемачки Универзитет за остварување на агендата 2030 и 2050 за реализација на Стратегијата за паметна специјализација.
„Европско образование на УКИМ” е мотото на програмата за работа и развој на Универзитетот во наредните три години на кандидатот за ректор проф. д-р Христина Спасевска од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ).
Мотото на нејзината програма смета дека може да се спроведе само со суштинска соработка меѓу професорите и студентите и заедничка насоченост кон подигнување на квалитетот на наставата и примена на европските стандарди.
-Сите заедно да го промениме УКИМ во универзитет што постигнува врвни резултати, подготвен да ги следи трендовите во образованието, науката и уметноста. Со поглед далеку во иднината да го направиме нашиот универзитет расадник на високостручни кадри, подготвени за стопанството и новите технологии што доаѓаат. Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје ќе стане лидер на секое поле, со воспоставување одржливи механизми кои ќе овозможат значајно зголемување на меѓународната соработка и поголема вклученост на академскиот кадар во проекти финансирани од меѓународни програми. На тој начин ќе се подигне рејтингот на УКИМ на листата на најдобри светски универзитети. За спроведување на овие заложби ќе се основа Фонд за наука од средства на УКИМ, преку кој ќе се поддржуваат млади истражувачи и нивните ментори за меѓународно етаблирање. За административна помош на академскиот кадар, ќе се формираат канцеларии за меѓународни проекти и мобилност, наведува Спасевска за МИА.
Во програмата на Спасевска, која е актуелен проректор за настава на УКИМ, во план е да се воспостават интегрирани дигитални системи коишто произлегуваат од барањата на наставната, научноистражувачката, уметничката и административно-стручната работа со што, како што вели, ќе се спроведе дигитална трансформација на УКИМ.
Студентите ќе добијат е-индекс, можност за електронско плаќање и платформа за учење на далечина. Тие ќе имаат достапност до информации и податочни библиотеки, системи за комбиниран процес на учење, користење дигитални алатки за визуелизација на реални процеси, вклучување на странски професори и експерти во настава на далечина, избегнувајќи го временското и просторното ограничување. Исто така, додава Спасевска, „поврзувањето на сите дигитални алатки во нова современа интернет-страница на УКИМ и брендирањето во сите домени, многукратно ќе ја зголеми нашата видливост“.
-За развојот на УКИМ значајно е негувањето академска и студентска автономија, транспарентно и отчетно работење и континуиран дијалог со државните институции за подобрување на академскиот и студентскиот стандард. Ќе станеме партнер на државата и Националниот совет за високо образование и научноистражувачка дејност во воспоставување мериторен и одржлив систем за финансирање кој ќе обезбеди квалитетно образование за сите. Исто така, ќе градиме дијалог со синдикалното организирање на УКИМ, поддржувајќи ги во нивните заложби за спроведувањето на колективните договори, посочува Спасевска.
Хармонизација на студиските програми на УКИМ со европските програми со што ќе се подобри квалитетот на студиските програми и ќе се зголеми мобилноста на студентите е еден од 10-те приоритети наведени во програмата на кандидатот за ректор проф. д-р Димитар Ташковски од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) за кои смета дека ќе го трансформираат УКИМ во современ, отворен и истражувачки универзитет.
-Наставата ќе се фокусира на резултатите од учење, студентите ќе имаат зголемено ниво на практични знаења релевантни за нивната идна кариера, а наставната методологија ќе ги користи сите најзначајни дигитални технологии. За поддршка на овој процес, во мојата програма се предвидени неколку нови центри на УКИМ (за е-учење, за унапредување на компетенциите на наставниците, за инклузивно образование, за доживотно учење), како и Канцеларија за обезбедување квалитет, изјави Ташковски за МИА.
Негов приоритет е трансформација на УКИМ во истражувачки универзитет со формирање силни интердисциплинарни истражувачки групи, зголемено учество во меѓународни проекти и повисок квалитет на објавени научни трудови.
-За поддршка на овој процес, ќе се зајакне капацитетот на Канцеларијата за меѓународна соработка и ќе се формира сопствен Фонд за наука и развој, кој ќе се обезбеди од средствата кои се издвојуваат од меѓународните проекти кои се имплементираат на УКИМ, наведува Ташковски.
Тој ќе се залага и за зголемен степен на трансфер на знаења и иновации кон нови и постојни компании и користење на академската експертиза на кадарот за развој на производи со додадена вредност што, генерално, како што вели, треба да води кон зголемен економски раст на краток и среден рок.
-Во таа насока ќе се воспостави транспарентен систем за поттикнување развој на нови производи и иновации (вклучувајќи и поттик за отворање на академски стартап и спин-оф компании), ќе се формира Канцеларија за трансфер на технологии, а ќе предложам и воведување проректор за трансфер на технологии и иновации, додава Ташковски.
Во однос на дигитализацијата на УКИМ, како еден од неговите приоритети, акцент ќе биде ставен на процесот на наставата преку воведување дигитални технологии и е-учење, на административното работење на единиците и ректоратот и на услугите за студентите.
-Конечно, посебно внимание ќе посветам на подобрување на инфраструктурата затоа што на УКИМ сите единици мора да имаат висококвалитетни и современи просторни услови за изведување на наставата, како и соодветни просторни услови за развој на наука и иновации, развој на претприемништвото на професорите и студентите, за социјални иновации и за доживотно учење, додава Ташковски.