Шестчлено семејство од Скопје моли за помош, откако гром им ја изгоре куќата

Пожар предизвикан од гром, во вторникот, без дом остави шестчлено семејство од скопското село Нова Брезница. Божин Вељановски, татко на четири деца, вели дека гледал како куќата му гори, но не можел да преземе ништо. По пожарот, тој и сопругата спијат кај роднини и бараат начин и материјали за пак да имаат покрив над главата.

„Кога дојдов, ја видов мојата куќа како гори. Немаше пристап да се дојде до неа. Не ни остана буквално ништо, само рушевина. Немам ништо, од алишта имам само ова што е на мене. Моите деца се школуваат во Скопје кај татко ми и брат ми, јас и сопругата живеевме во оваа куќа. Не знам дали може да се санира. Имав детска соба, спална, кујна, дневна, трпезарија. Сега – ништо. Не знам како понатаму“, вели Вељановски.

Од опожарената куќа се останати само столбовите, кои не се стабилни. Целата е распадната. Покривот, гредите, ќерамидите, па сè до облеката, покуќнината, белата техника, сè е целосно проголтано од пожарот. Вељановски вели дека не знае што ќе прави, а очекува помош од фирми и хумани граѓани. Тој не сака пари, туку градежен материјал за одновно да изгради дел од куќата каде што ќе живее со сопругата.

Противпожарната бригада штетата ја проценила на 60-70 илјади евра, вели Вељановски. Приходите на шестчленото семејството се речиси 500 евра, со кои тие се прехрануваат, објаснува Божиновски. Две од неговите деца во септември треба да ја почнат школската година, а тој не знае како ќе продолжи понатаму. Соседите се подготвени да му помогнат да ја поправи куќата доколку има градежен материјал.

„Потребени ни се електричен шпорет, фрижидер, кревети за спиење. Ѕидовите се распаднати. Барав помош и од Општина Сопиште. В понеделник ќе одам во Црвниот крст. Побарав и од фирмата во која работам. Никој не може да ми го надомести она што го изгубив, но барем да почнам од некаде. Нема каде да влезеш, се плашиш да не падне нешто. Секаква помош е потребна“, вели Вељановски.

За врати и прозорци ќе размислувам понатаму, сега најбитно ми е да ја покријам куќата, вели Вељановски, татко на четири деца, кој додава дека приватна фирма веќе му понудила да му помогне во расчистување на шутот заедно со вработени во Општина Сопиште.

„Децата и жена ми избегнуваат да доаѓаат тука. Тие се под стрес. Тоа е ужасна слика. Најголема среќа е што никој од нас не беше дома. Му благодарам на Господ што нема жртви. Можеше да нè затекне на спиење, да изгориме живи внатре. Почнуваме од нула. Немам ништо“, додава Вељановски.

Божин Вељановски заедно со сопругата живее кај својот брат, а децата кај татко му. Тој вели дека тоа не е решение и сака најбргу што може да се врати и да ги санира помошните простории за да  ги користи за спиење и основни потреби. Вељановски упати апел до сите хумани граѓани и фирми што се во можност да му помогнат.