Шест современи дански филмови од вечерва во Кинотеката на Македонија

Шест современи дански филмови од вечерва (20 часот) ќе се прикажуваат во Кинотеката на Македонија. Станува збор за пет играни и еден документарец, продуцирани во последниве пет години.

Неделата на современ дански филм, почна синоќа со свечена проекција на филмот „Ќерката на вештерката“, во присуство на министерот за култура Асаф Адем, постарата советничка во Амбасадата на Кралството Данска во Белград надлежна и за Македонија, Мариане Топач, и почесниот конзул на Кралството Данска во Македонија, Живко Мукаетов.

Министерот за култура Асаф Адеми и почесниот конзул на Данска во Македонија, Живко Мукаетов на синоќешниот прием во Кинотеката

„Од особено значење е да се запознае дел од данската култура, која е уникатна, а да се види придонесот што го дава данското филмско творештво за светската кинематографија, е нешто навистина значајно. Истовремено, оваа манифестација ќе овозможи публиката да го збогати своето познавање за едно, за нас, не толку многу блиско општество, да ги задоволи своите интереси и љубопитност, поблиску да се запознае со данската култура и традиција, со данскиот начин на живот и да извлече позитивни искуства кои ќе можат да ги применат овде, во Македонија“, рече Адеми, кој дел од својот професионален ангажман поминал како амбасадор на Македонија во Кралството Данска.

Ревијата почнува вечерва со филмот „Часот на рисот“ во режија на Сорен Краг-Јакобсен

Овој циклус обединува приказни од психијатриска болница, обичните младешки љубовни врски и љубовта во зрелото доба, прашањето за мигрантите, но и костимирана драма од средновековниот фантастичен свет и документарна драма за модерните етички прашања за правото на живот на секој човек.

Ревијата почнува со филмот „Часот на рисот“ во режија на Сорен Краг-Јакобсен, утре е „Долга кратка приказна“ на Меј ел-Туки, в четврток е документарецот „Природно растројство“ на Кристијан Сондерби Јепсен, в петок ќе игра „Посвета на љубовта“ на Михаел Ноер, в сабота „Розита“ на Фредерике Аспек, в недела е „Ќерката на вештерката“ на Кенет Каинз.

„Современата данска кинематографија, некако сè уште го носи товарот на славата на револуционерното движење Догма 95 (Догме 95, дански збор за догма, основано од режисерите Ларс фон Трир и Томас Винтерберг кои го објавуваат манифестот и Заветот на чистотата. Затоа, можеби, цели 23 години од објавувањето на манифестот, секогаш кога пред гледачите ќе излезе нов наслов на некои од тогашните протагонисти, критичарите и филмофилите бараат релации со нивните претходни филмови, повторно и повторно прегледувајќи ги десетте заповеди запишани во Заветот на чистотата. И, останале ли „догматиците“ верни на нивната догма? Секако дека не! Догма 95 не само што не е проглас со железни правила на снимање, туку е провокација, како прст в око, за филмските автори и публиката да размислат што е филмската уметност, како (треба да) се прават филмови, што е суштината на филмот?“, вели Кинотеката.

Воопшто не е случајно што движењето Догма 95 е претставено во 1995 година (на 22 март) во париското кино Одеон, по повод стогодишнината на филмот. Наскоро им се придружуваат уште двајца сонародници, Кристијан Левринг и Сорен Краг-Јакобсен, а движењето подоцна добива интернационални рамки, од Чиле и Аргентина до Јужна Кореја. Во следните десет години се снимени триесеттина филмови според правилата на Догма 95, а „Спроти брановите“ на Фон Трир и „Прослава на Винтерберг се сметаат за највпечатливите изданоци на ова движење.