Шекеринска: Новата американска администрација сака што поскоро да ја види Северна Македонија во преговарачкиот процес со ЕУ

Првиот ден од посетата на САД министерката за одбрана Радмила Шекеринска го помина на средби во Стејт Департментот и во Пентагон. Во Стејт Департментот Шекеринска се сретна со новиот американски пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, при што беше заклучено дека местото на Западен Балкан е во ЕУ и оти новата американска администрација сака што поскоро да ја види Република Северна Македонија во преговарачкиот процес со Унијата, соопшти Министерството за одбрана.

Министерката во Стејт Департментот имаше средба и со првиот човек на Бирото за политички и одбранбени прашања Тимоти Алан Бејтс, на која беше реафирмирана американската позиција за стабилен и просперитетен регион и решавање на прашањата кои ги попречуваат мирот и стабилноста. Министерката Шекеринска нагласи дека нашата држава како членка на НАТО ја прифаќа одговорноста да придонесува во безбедноста на Балканот и дека учествува во повеќе регионални иницијативи како и во мисијата КФОР во Косово.

Во Пентагон, Шекеринска разговараше со Хајди Грант, директорка на Агенцијата за безбедносно- одбранбено соработка. На средбата стана збор за тековните проекти за модернизација на Армијата.

Министерката во Вашингтон го посети и Националниот меморијален центар Арлингтон при што положи цвеќе на Гробот на незнајниот војник.