Шекеринска и Георгиевски во хуманитарна акција за Светскиот ден на храната

 Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска донираше прехранбени продукти и средства за хигиена со што ја поддржа акцијата „Месец на хуманост – Гази Баба се грижи”, што ја реализира општината од 2 октомври до 2 ноември.

Со таа активност Шекеринска и градоначалникот на Гази Баба, Борис Георгиевски се вклучија во одбележување на Светскиот ден на храната и лебот – 16 октомври.

– Оваа иницијатива Месец на хуманост – Гази Баба се грижи, покажува дека како држава, како општество, како луѓе сакаме да покажеме грижа и да дадеме помош на оние кои се во тешка социјална ситуација и мислам дека оваа пандемија уште повеќе ни ја покажа потребата да бидеме солидарни и да помагаме. Сакам да ги повикам сите граѓани да се приклучат со  кои било основни, прехранбени продукти и средства за чистење да помогнат на оние семејства кои што од страна на општина Гази Баба ќе бидат помогнати. Се трудиме и како Влада да водиме социјална политика која што најмногу ќе помага на најсиромашните и на најзагрозените, меѓутоа и личниот пример и личната помош може да промени нечиј живот, изјави Шекеринска, соопшти Општина Гази Баба.

По хуманитарната акција, стои во соопштението, Шекеринска се сретна и со учесниците во проектот „Предизвик за студенти иноватори”, преку коj Општина Гази Баба секоја година доделува финансиска поддршка за два најдобри иноваторски проекти подготвени од студентите. Министерката го поздрави овој проектот, кој им дава добра можност на младите да го изразат својот талент и посочи дека Владата секогаш стои на располагање за нивна промоција.

Градоначалникот Георгиевски објасни дека големиот интерес кој се јави кај студентите беше мотив финансиската поддршка да се удвои од 100.000 на 200.000 денари.

– Како Општина имаме за цел да креираме политики кои им помагаат на младите, кои им даваат поддршка за нивно подобро образование, за да можат својот талент да го надополнат. Досега во овој проект учествуваа студенти иноватори од Земјоделскиот, Шумарски, Природно – математичкиот факултет за своите изуми. Преку нивните проекти, Општината добива неколку уникатни придобивки и затоа продолжуваме и понатаму да го реализираме овој проект, изјави Георгиевски.

-Благодарение на изумите на студентите,  ќе може да се контролира наводнувањето на јавните површини, потоа преку зелената лична карта на Дендро паркот, секое дрво, растение, зеленило ќе има личен документ со своите податоци. Конструираа посебен уред кој ќе може да ја одредува содржината на водата за наводнување која ќе биде потребна за почвата, проект кој многу ќе им помогне во работата на земјоделците, како и проектот за мапирање и означување на дрвенестите и грмушестите видови во паркот на ботаничката градина при Природно математичкиот факултет, велат од Општина Гази Баба.

Оваа година финансиска поддршка од општината добија проектите за 3D печатени едукативни помагала и вториот се однесува на претворање на органски отпад во органски компост.