Шекеринска – Галовеј: Обединетото Кралство стои покрај Северна Македонија како една членка на НАТО до друга

Обединетото Кралство стои покрај Република Северна  како една членка на НАТО до друга. Северна Македонија и Обединетото Кралство се две сојузнички земји, члеки на НАТО кои врз заеднички вредности што ги споделуваат изградија многу цврста и активна соработка.

Ова го истакнаа министерката за одбрана Радмила Шеќеринска и амбасадорката на Обединетото Кралство Рејчел Галовеј денеска по одржаниот состанок на кој што дискутираа за заедничките вредности што ги споделуваат двете држави како членки на НАТО.

-Врз тие вредности навистина изгрдивме многу цврста и многу активна соработка заснована на фактот дека Северна Македонија и Обединетото Кралство се две сојузнички земји, членки на НАТО. Како новопримена членка на НАТО се наоѓаме во процес на интеграција на воен, политички, организиран и тактички план. Нашата армија сега е НАТО армија. Огромното искуство на нашите пријатели од Обединетото Кралство за нас е од огромна помош во тој процес. Тука се сега со нас помагајќи и на нашата армија со обуки и тренинзи. Додека денеска разговараме во Скопје, два британски тима за обука се на Криволак заедно со нашите војници пренесувајќи им ги вештинитите на современи воено одбранбени техники, истакна Шеќеринска.Таа додаде дека кога започна оваа засилена соработка во одбраната во 2018 година заедно со Обединетото Кралство биле оптимисти кон заедничката соработка, но не очекувале вака засилено темпо на соработка што се однесува на школување, заеднички тренинг, создавање искуство и користење опрема, развој на декларираните единици, на родовата перспектива, што резултираше со потпишување договорот за одбранбена соработка.

Амбасадорката Галовеј најави дека Обединетото Кралство ќе донира значителна  нова опрема, во вредност од 230 илјади британски фунти, на Армијата на Република С. Македонија, што ќе биде наменета за  претстојната способност на армијата за „блиска борба на пешадија без возила“ и конкретно во единиците назначени за НАТО.

-Односите помеѓу Обединетото Кралство и Република Северна Македонија се посебни. Тие не се само односи помеѓу сојузници, туку се поблиски и наликуваат на роднински, засновани на заеднички вредности и демократски принципи. Како една членка на НАТО до друга, Обединетото Кралство стои покрај Република Северна Македонија. Природата на овој однос е особено очигледна во одбранбените и безбедносните прашања, изјави амбасадорката.

Галовеј истакна дека во моментов има два тима од британската армија кои се обучуваат заедно со армијата на полигонот Криволак, а намерата на Обединетото Кралство е да продолжи со оваа поддршка, зголемувајќи го притоа и интензитетот и зачестеноста во наредната година.

Таа додаде дека еден од тимовите кои се обучуваат заедно со армијата на полигонот Криволак реализира обука за помлади лидери, додека вториот тим ја поддржува обуката на Лесната пешадиска баталјонска група назначена за НАТО.