Шарени бои за поддршка на различноста

Светскиот ден на лицата со Даунов синдром денеска заеднички го одбележаа Општина Аеродром и ООУ„Александар Македонски“.

На настанот се претставија децата со Даунов синдром и нивните соученици од различни одделенија, а свое излагање имаше Марија Делетиќ, директорка на училиштето „Д-р Златан Сремец“, кое има своја подрачна паралелка во рамките на ОУ„Александар Македонски“.

„На сите ученици би им порачала да бидат пример за своите другарчиња со Даунов синдром“, истакна Делетиќ, која додаде дека различноста треба да се промовира како предност, а не како недостаток.

Во знак на солидарност со лицата со Даунов синдром, денеска се носат шарени чорапи и ноктите се лакираат во различни бои. Целта на оваа манифестација е дружење и социјализација на овие дечиња, како и подигнување на свеста за потребата од нивна инклузија во општеството.

На денешниот настан присуствуваа и претставници од организацијата „Отворете ги прозорците“, како и претседателот на Европската шаховска федерација Зураб Азмајпарашвили од Грузија и Благоја Богоевски, претседател на Македонската шаховска федерација, кои им доделија пригодни подароци на дечињата со Даунов синдром.