Шансите за нов ковид бран се големи, предупредува проф. Трајковски

Денеска е 836-ти ден од официјалниот почеток на епидемијата на ковид-19 во Македонија и зад нас веќе имаме четири големи брана. Четири врва и четири дола, а според индикаторите дојдовме до дното на последниот дол, анализира професор Дејан Трајковски. 

-Шансите за нов бран се големи, по слободна проценка околу 80%. Речиси низ цела Европа бројките растат - од Велика Британија, преку Франција, Германија, Австрија, Швајцарија, Словенија, Хрватска, Србија до Грција, така што прашање на денови е кога ширењето ќе стане видливо и кај нас. За тоа има услови, пред сé поради укинувањето на сите мерки, и одржувањето на вирусот во циркулација сето ова време од јануари до сега. Дневните бројки беа за 3-4 пати поголеми од истиот период минатата година, односно немавме намалување како што би требало да има, вели професорот Трајковски.