„Шанса за Центар“ реагираат за огласот за избор на нов директор на ПОЦ

Од граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ реагираат за изборот на нов директор на ПОЦ.

-Прв и најважен услов за некој да стане директор на Јавното претпријатие Паркинзи на Општина Центар е да чита дневен весник! Како инаку би дознал дека воопшто постои конкурс за тоа работно место. Во два од дневните весници на 26 септември е објавен токму таков оглас, за избор на нов директор на ПОЦ. Рокот за поднесување на пријави е 7 дена. Интересно е што конкурсот го нема онаму каде што е и најочекувано, на интернет страницата на ПОЦ. Во делот за вработувања на нивната страница се објавени одлуки за избрани кандидати за советник за финансиски работи, за референт-архивар и за возачи на пајаци, но за нов директор нема ниту збор, реагираат од „Шанса за Центар“. 

- Никаква информација за огласот за највисоката позиција во единственото јавно претпријатие на општината нема ниту на страницата на Општина Центар иако конкурсот за местото го објавува токму нејзиниот градоначалник. Пристигнатите пријавите пак ќе ги разгледува тричлена комисија составена од градоначалникот, така што ниту управниот, ниту надзорниот одбор на претпријатието не се вклучени во постапката. Ги повикуваме сите заитересирани за конкурсот за работното место директор на ПОЦ да се пријават на конкурсот за што има уште само три дена. Се разбира, ако некој успее во тој рок (до недела) да изработи Програма за работа и развој на претпријатието за период од 2022 до 2026 година, се наведува во нивната реакција. 

Од иницијативата велат дека случајот го опишува односот на раководството на Општина Центар кон општинските ресурси.

-Тие се резервирани за партијата и однапред избраните. Нема ниту обид за глумење на транспарентост, велат оттаму.