Шанса за Центар: Општината одбива да ги објавува одлуките на инспекторатот и покрај тоа што е законска обврска

Шанса за Центар денеска реагираше дека Општина Центар одбива да ги објавува одлуките на инспекторатот и покрај тоа што тоа е законска обврска.

Од таму обвинија дека Општина Центар под градоначалникот Горан Герасимовски си бира кои закони да ги почитува и спроведува, а кои не.

„Од тие што не им се допаѓаат е Законот за инспекциски надзор, поконкретно Членот 71, според кој „инспекцискиот акт се објавува на веб-страницата на инспекцијата, најдоцна пет денови од денот на конечноста на инспекцискиот акт, согласно прописите за заштита на личните податоци.“ Кога пред повеќе од година баравме да почнат да се објавуваат, прво се чекаше да се изработи нова општинска интернет страница, па потоа да виделе како да ги објавуваат актите без личните податоци. Новата веб страна функционира веќе половина година и имаа време да смислат како да ги скријат личните податоци, како на пример што се прави при објавувањето на судските пресуди, но си одлучија дека сепак нема да ги објавуваат, без разлика на законската обврска“, велат од Шанса за Центар во објавата на Фејсбук.

Од Шанса за Центар велат дека ова за граѓаните на Општина Центар значи дека немаат информација, што според закон им следува, дали излегла инспекција кога ја повикале, дали нешто увидела, што одлучила, дали некако го задолжила субјектот на инспекцијата/надзорот...

„Според ова се чини дека законските одредби се само сугестија а не обврска. А во матно најубаво се плива“, додаваат од Шанса за Центар.