
Од Шанса за Центар утрово информираа дека не поминал предлогот за комерцијализација на училиштата и училишните дворови.
„Советот вчера ја отфрли предлог-одлуката за користење на недвижен имот на Општина Центар, откако Шанса за Центар увиде дека со неа се отвора можност во училиштата и градинките да се даваат под наем и скривници, дворови и игралишта, а во намените за кои може да се користат школски простори се додаваа и забава, производство, угостителство и трговија“, велат од Шанса за Центар во објава на Фејсбук.
Од таму порачуваат дека се потребни чисти и безбедни дворови и јавни простори, а не трговски зони за нечиј профит во училиштата.
Шанса за Центар претходно сподели дека Комисијата за образование на Советот на Општина Центар не ја прифатила одлуката за изнајмување на просторите во школите предложена од Општината откако Шанса за Центар утврдила низа проблематични делови во неа, меѓу кои и дека се предлага да може да се даваат под наем и дворови на училиштата, скривници и игралишта, а дејностите за кои може да се изнајмуваат школските простори да бидат и производство, угостителство и трговија.